Членовите на македонското трио „Анимато“ синоќа настапија на фестивалот „Магична флејта Е/12″ што се одржува во зградата на албанската Државна радио телевизија во Тирана.
-Со концертот македонските уметници изградија уште еден мост на пријателство и културна соработка меѓу Северна Македонија и Албанија – информираше Македонската амбасада во Тирана.
На концертот присуствуваше и вршителот на должноста амбасадор Љуфтим Спахиу, поголем број Македонци, меѓу нив и Ердит Фетаху, потпретседател на МАЕИ.
-Со звуците на нивните инструменти, Даниела Неделковска и Симона Марочковска – Манојловска (флејта) и Светлана Димитриевска (пијано) повторно докажаа дека музиката не те остава рамнодушен поради што од публиката беа наградени со долг аплауз и овации – додаваат од Амбасадата.
Концертот беше збогатен со нотите на уметниците од Оркестарот на Државната радио и телевизија на Албанија предводени од виртуозот на кларинет Роланд Бербиу, под диригентската палка на Фатос Ќеримај.




































