Токсични хемикалии поврзани со сериозни здравствени ризици, вклучувајќи намалена плодност, дебелина и зголемен ризик од рак, се пронајдени во некои цуцли за бебиња, предупредува ново истражување. Според истражувањето на чешката потрошувачка организација „Д тест“, цуцлите произведени од три големи европски брендови содржат бисфенол А (БПА), иако се означени како производи без таа супстанција. Станува збор за цуцли на брендовите „Курапрокс“ од Швајцарија, „Софи ла Жирафе“ од Франција и „Филипс“ од Холандија. Тестирањето покажа дека производите на овие брендови ослободуваат штетна супстанција, иако се декларирани како „без БПА“ или „направени од природен каучук“.
Зошто е опасна БПА? БПА е хемикалија што се користи за зајакнување на пластиката и со текот на времето може да се ослободува под влијание на плунка и топлина, па така, доаѓа во крвотокот. БПА дејствува како таканаречен ендокрин дисруптор. Тоа значи дека може да ја наруши хормонската рамнотежа во телото, имитирајќи или попречувајќи ги природните хормони како што е естрогенот. Бебињата и малите деца се особено чувствителни на такви влијанија, бидејќи нивните органи и нервен систем сè уште се развиваат.
Мерливи количества БПА се пронајдени во четири производи. Најголема концентрација била забележана во цуцлата на „Курапрокс“, која содржела 19 микрограми БПА по килограм, што е речиси двојно повеќе од законскиот лимит во ЕУ од 10 микрограми.

































