Словенечката европратеничка Ирена Јовева реагираше на непринципиелноста на Европската комисија (ЕК) во извештајот за Македонија

Непринципиелноста при оценувањето на Македонија во извештајот на Европската комисија за напредокот во евроинтеграциите доби уште една потврда, овој пат и во самата Европска Унија, од страна на словенечката европратеничка Ирена Јовева, која нагласи дека земјава постигнала напредок и заслужува место во ЕУ.
– Не ја критикувам еврокомесарката Марта Кос или Европската комисија, но не е фер да се става С.Македонија во ист кош со Србија и со Босна и Херцеговина кога станува збор за напредокот на европскиот пат. Таквиот став не во ред и не е фер, пред сѐ, од страна на Европската комисија. Земјата напредува и е на добар пат во пристапувањето кон Европската Унија – вели европратеничката Јовева.
Таа е дел од европратеничката група Да ја обновиме Европа, при што истакнува и дека не може да се каже оти Македонија напреднала колку и Црна Гора, но дополнува дека заслужува да се каже јасно и гласно дека Македонија има напредок.
Таа додава дека спорот со Бугарија е билатерален, што е јасно кажано и од страна на Европскиот парламент во последните извештаи, како и од страна на Европската комисија.
– Како што не е фер да се става С. Македонија во ист кош со Србија во контекст на напредокот во пристапниот процес, исто така не е фер да се користи општата ситуација во регионот за собирање евтини политички поени. С. Македонија е држава, која заслужува место во Европската Унија и ќе стигне до тоа кога-тогаш. Само треба да продолжи со реформите – заклучува Јовева.
Со доведување во прашање на принципиелноста на актуелен Брисел кон Македонија се проблематизира ставот на европската влада (ЕК) за ненапредувањето на реформскиот пат на Македонија кон ЕУ и се става во контекст на „намерно генерирање негативно мислење за Македонија, со цел да се изврши дополнителен притисок врз земјава“, со цел спроведување уставни измени, кои се посочуваат како услов за напредок во евроинтеграциите.
Во изминатите децении откако е кандидат за членство во ЕУ, Македонија доби 10 позитивни препораки за евроинтегрирање, и кога бележеше послаби резултати на планот на реформите одошто сега. Но „позитивните извештаи“ доаѓаа под услов на послушност, кога беа прифаќани и исполнувани уцените и идентитетските барања од дел од земјите членки на ЕУ, конкретно од Грција, а потоа и од Бугарија!
Затоа може да се заклучи дека Македонија е сместена во групата земји во „застој“ бидејќи води своја суверенистичка политика, противејќи се на барањето за промена на Уставот. Тоа сугерира дека и идните извештаи би можеле да бидат слични, без оглед што државата ќе стори на планот на реформската агенда, ако не ги спроведе уставните измени. А ваквата состојба го урива кредибилитетот на ЕУ, како и целиот принцип на вреднување на Копенхашките критериуми за членство во Унијата. Св.Т.