Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 155 седница ги објави официјалните резултати од вториот круг на Локалните избори 2025 за избор на градоначалник во 29 општини и град Скопје, додека за три општини – Брвеница, Карпош и Шуто Оризари има приговори, кои ќе се разгледуваат денеска на јавна седница на ДИК во 14 часот.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко ги објави официјалните резултати од вториот круг на Локалните избори, со што Орце Ѓорѓиевски е избран градоначалник на Град Скопје од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
-Општина Аеродром:Дејан Митевски коалиција „Твоја Македонија“ –ВМРО-ДПМНЕ, Општина Боговиње:Фети Абази коалиција ВЛЕН, Општина Валандово:Ѓоко Камчев коалиција „Твоја Македонија“-ВМРО-ДПМНЕ, Општина Виница: Митко Костадиновски коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, Општина Демир Капија: Наталија Димитриева коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, Општина Дебар: Фесник Нела коалиција ВРЕДИ, Општина Дебарца: Златко Силјановски коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, Општина Дојран: Илија Тентов коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, Општина Долнени: Блерим Ислјами коалиција ВРЕДИ, Општина Зрновци: Ванчо Митев коалиција Локални избори 2025 СДСМ, Општина Кичево: Александар Јовановски коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, Општина Конче: Златко Ристов коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, Општина Кочани: Владко Грозданов коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, Општина Крушево: Нико Чоневски коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, Општина Куманово: Максим Димитриевски Движење ЗНАМ за наша Македонија, Општина Лозово: Бошко Цветковски коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, Општина Македонски Брод: Жарко Ристевски коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, Општина Македонска Каменица: Соња Стаменкова коалиција СДСМ, Општина Могила: Драганчо Сабатковски коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, Општина Неготино: Марија Нацева коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, Општина Пробиштип: Тони Тоневски коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, Општина Ранковце: Даниел Павловски коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, Општина Росоман: Ѓорѓи Крстевски коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, Општина Струга: група избирачи Менди Ќура избран градоначалник, Општина Студеничани: Ејуп Абази Национална алијанса за интеграција (НАИ), Општина Тетово: Биљал Касами коалиција ВРЕДИ, Општина Центар Горан Герасимовски коалиција Локални избори 2025 СДСМ, Општина Чешиново-Облешево: Јорданче Костадинов коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ, Општина Чучер-Сандево: Зоран Бајовски коалиција „Твоја Македонија“ ВМРО-ДПМНЕ. Ова беа 29 општини во кои се избрани градоначалници, а за кои објавивме конечни резултати за избор на градоначалници во вториот круг на Локалните избори, како и за градоначалник на Град Скопје – вели Кондарко.
Тој соопшти дека до ДИК има поднесено 16 приговори за гласањето за избор на градоначалници во општините Брвеница, Карпош и Шуто Оризари.
-Во врска со овие приговори Државната изборна комисија ја известува јавноста дека ќе постапува на јавна седница во законскиот рок денеска со почеток во 14 часот – рече Кондарко.
Тој додаде дека до ДИК има поднесено и три приговори за гласањето за избор на членови на Советот во Општина Шуто Оризари, каде што имаше прегласување спроведено на 2 ноември 2025 година и тоа на трите избирачки места.
-Поради тоа објавувањето на конечните резултати од гласањето за Советот на Општина Шуто Оризари нема да бидат објавени денеска, ќе се чека по постапувањето на приговорите на седницата на Државната изборна комисија, а потоа и по одлучување на евентуални тужби пред Управниот суд – рече Кондарко.
Членовите на ДИК донесоа и заклучок Општинските изборни комисии во 29 општини и Град Скопје, за кои денеска и официјално се објавија конечните резултати за избор на градоначалник и тие да ги објават конечните резултати од гласањето во вториот круг на Локалните избори.



































