Реализацијата на најголемото проширување во историјата на Вимблдон, тројно повеќе од сегашната површина, сигурно ќе има големи импликации врз тенискиот турнир во целина, пред сѐ кога станува збор за посетеноста и, секако, за заработката
Плановите за проширување на Вимблдон одат во добра насока откако парк-голф клубот Вимблдон, кој се наоѓа во соседството, се согласил да го продаде земјиштето (30 хектари) за кое Сеанглискиот тениски клуб понудил 65 милиони фунти (72,3 милиони евра). Поединечно секој член на голф-клубот (ги има 754) би требало да добие најмалку по 85.000 фунти (94.600 евра).
Сеанглискиот тениски клуб порано беше сопственик на голф-терените што сега сака да ги купи, но му ги изнајми на голф-клубот до 2041 година. Реализацијата на купопродажната зделка и најголемото проширување во историјата на Вимблдон, тројно повеќе од сегашната површина, сигурно ќе има големи импликации врз тенискиот турнир во целина, пред сѐ кога станува збор за посетеноста и, секако, за заработката.
За разлика од преостанатите три големи гранслем-турнири (Мелбурн, Париз и Њујорк), кои располагаат со повеќе простор, со повеќе стадиони и имаат повеќе гледачи, Вимблдон мака мачи да ги задоволи сите што сакаат во живо да ги следат најинтересните натпревари. Организаторите планираат проширување на трибините на терените број 2 и 3, а покрај тоа ќе може да се додадат трибини и на другите терени со што капацитетот драстично би се зголемил, до 40.000 гледачи дневно. Во план е и градење нов комплекс со по шест покриени и отворени терени, подземна гаража и други содржини за попријатен престој на сите љубители на тенисот и на спортот воопшто, кои ќе трошат и повеќе пари.
Изградбата на новите објекти би требало да почне за две до три години. На врвот на листата на желби е враќањето на квалификациските натпревари од терените на „Банката на Англија“, во универзитетскиот комплекс во блискиот Рохемптон, на главните терени во Вимблдон. Првата понуда за купувањето на земјиштето на голф-клубот во 2008-та, без размислување беше одбиена. Втората понуда во 2015-та изнесуваше 25 милиони фунти (27,8 милиони евра), но против гласа 58 отсто од членовите. Летово понудата за купување порасна на 50 милиони фунти (55,6 милиони евра), а неколку месеци подоцна следуваше „најдобрата и последна“ понуда од 65 милиони фунти (72,3 милиони евра).
Вимблдон е најстариот тениски турнир во светот и се одржува од 1877 година, последната недела во јуни и првата во јули, и е единствен од четирите гранслем-турнири што се игра на тревна подлога. Лани организаторите на турнирот објавија дека заработката изнесувала 216 милиони фунти (240,5 милиони евра), главно од продажбата на билетите и од ТВ-правата.