Франција е светски првак, но Белгија е прва на листата на ФИФА

Во однос на завршните годишни листи црвено-жолтите скокнаа за 94 места за две години, а осум во однос на лани. За 2018-та Белгија е прва, а светскиот првак Франција ја доби наградата „селекција со најголем напредок“

Пласманот на македонската репрезентација на 68-то место на декемвриската ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА) е најдобриот пласман на крајот на една година во претходните девет години.
Вкупно, тој пласман е и шести најдобар за една ваква завршна годишна листа, а засега најдобар е 54-то место остварено во декември 2006 година. Но, пласманот од вчера е и огромен скок за две години, оти Македонија во декември 2016 година на листата на ФИФА беше на 162-та позиција (оттогаш напредок за 94 места).

Фудбалската репрезентација на Белгија ќе ја почне 2019 година на врвот на Светската ранг-листа на ФИФА, откако на последната листа за годинава ја зачува водечката позиција во однос на светскиот првак Франција, која, пак, го доби признанието „селекција со најголем напредок“, за што се смета вкупниот плус во збирот на поените.

Годинава воопшто беше добра за репрезентациите од Европа, која сега има 31 селекција меѓу првите 50 (две повеќе од листата за декември 2017 година) и осум меѓу најдобрите 10. Азија, исто така, има една селекција повеќе од лани меѓу првите 50 (сега има три). Најдобри селекции по конфедерации се Белгија (прва во вкупен пласман, Европа), Бразил (трето место, Јужна Америка), Мексико (17-ти, Северна Америка), Сенегал (23-ти, Африка), Иран (29-ти, Азија) и Нов Зеланд (122-ри, Океанија).

Следната ранг-листа на ФИФА треба да биде објавена на 7 февруари 2019 година.