Најмалку три лица, меѓу кои е и едно дете, настрадаа во несреќата во која воз удрил во автобус, кај селото Доње Меѓурово во близина на Ниш, околу 7.30 часот утринава, пренесуваат српските медиуми.
Се прави увид на местото на настанот, а пожарникарите ги отстраниле деловите од автобусот за да откријат дали има уште повредени или мртви под нив. На местото на несреќата веднаш пристигнале екипите на Брза помош, службите на полицијата, како и на Комисијата за вонредни состојби, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија информирајќи дека има 22 повредени лица.
Во несреќата меѓу повредените има и деца, бидејќи станува збор за автобус што превезува ученици. Повредените веднаш биле пренесени на Ургентниот клинички центар во Ниш. Според информациите, несреќата се случила на премин на железничката пруга на кој нема рампа.