Toskovski
Фото: МИА

Вториот круг од локалните избори во земјава денеска помина во исклучително мирна, фер и демократска атмосфера, без сериозни инциденти и без нарушување на јавниот ред и мир – изјави вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција во МВР поврзана со изборниот процес. Изборниот ден, тој нагласи дека поминал со високо ниво на одговорност од страна на сите институции, полицијата и граѓаните, што според него, придонесло државата да ги има едни од најмирните избори во последните години.

– Ова е уште една потврда дека граѓаните, институциите и Министерството за внатрешни работи покажаа зрелост и одговорност, што придонесе Македонија да има едни од најмирните избори во последните години. Упатувам огромна благодарност до сите полициски службеници кои професионално и беспрекорно ја извршуваа својата должност, како и до избирачките одбори, набљудувачите и претставниците на политичките партии. Пред сè, им благодарам на македонските граѓани што веруваат во демократијата и ја покажаа својата волја мирно и достоинствено – нагласи министерот.

Според податоците на МВР, гласањето започнало навреме на поголемиот дел гласачки места, а на девет имало кратко задржување. На осум места биле евидентирани привремени прекини поради технички проблеми со апаратите за идентификација, коишто биле решени навремено и без влијание врз текот и законитоста на изборниот процес.

Тошковски посочи дека во текот на денот низ државата биле пријавени вкупно 30 настани, при што најмногу пријави биле регистрирани во Скопје. Министерот рече седум случаи се однесувале на агитирање во близина на гласачки места, пет случаи за можен поткуп при избори или гласање и четири пријави за неовластено присуство на гласачко место.

Забележани биле и изолирани случаи на попречување на гласањето, фотографирање на гласачко ливче, неовластено фотографирање на граѓани и поединечни случаи со упатени закани. По преземените проверки, во 19 од 26 обработени случаи наводите не се потврдиле; за дел од случаите е утврдено дека нема основ за понатамошно постапување, а во други биле изготвени записници или биле преземени соодветни мерки.

– Важно е да се нагласи дека сите пријави, без оглед на нивната природа, беа обработени со целосна сериозност и професионалност. Реакциите на полицијата беа навремени, прецизни и ефикасни – потенцираше Тошковски.

Во моментов, додаде, полициските активности продолжуваат за четири настани кои се однесуваат на можен поткуп, неовластено фотографирање, агитирање и недолично однесување на членови на избирачки одбор. Паралелно, министерот посочи дека Секторот за компјутерски криминал регистрирал 18 објави на социјалните мрежи поврзани со изборниот процес, кои како што рече, се предмет на анализа и за кои се постапува согласно законските процедури.

– Најважно е што денот помина мирно, без притисоци и без посериозни инциденти. Тоа е заеднички успех, и на полицијата и на институциите, и на граѓаните. Денес уште еднаш покажавме дека Македонија може да организира избори какви што доликуваат на сите европски демократии – заклучи Тошковски.