Фото: Пиксабеј

 По наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, припадници на Одделот за криминалистичка полиција на Србија денеска приведоа две лица поради постоење основи на сомнение дека планирале и координирале со најмалку уште едно непознато лице дејствија што создаваат услови за итно извршување на кривичното дело – Напад врз уставниот поредок.

Кривичната пријава ги товари осомничените за кривично дело Подготовка на кривично дело против уставниот поредок и безбедноста на Србија од член 320 став 1 од Кривичниот законик во врска со член 308 од Кривичниот законик. Тие се приведени до 48 часа, во кое време ќе бидат на распит.

Дел од државните медиуми јавија дека се работи за Миша Бачулов е осомничен за наводно лажирање на неговото труење и дека имал намера да ги обвини за тоа – српскиот претседател Александар Вучиќ и врвот на државата. Медиумите исто така, објавија видео снимка од разговор помеѓу Бачулов и друго лице со кое се разговара за планирање на наводен обид за труење на Бачулов.

Миша Бачулов, одборник на движењето „Биди херој“ во Собранието на Нови Сад, беше приведен неколку пати во претходните месеци. Тој беше уапсен првпат по протестот на 5 ноември лани, а потоа кон крајот на август оваа година. И двата пати му беше одреден притвор до 30 дена.

Претседателката на српското собрание, Ана Брнабиќ, го обвини Бачулов дека сака да се отруе себеси и го обвини српскиот претседател Александар Вучиќ со цел да го испровоцира убиство.

– Доколку Бачулов успееше, првата последица за нашето општество и земја без сомнение ќе беше убиство на Александар Вучиќ и негова физичка елиминација. Тој (Вучиќ) ќе беше обвинет за обид за труење на член на опозицијата – рече Брнабиќ во гостувањето на телевизијата Прва.

– Тоа би било вовед за крвопролевање и граѓански конфликт од несогледлливи размери – рече Брнабиќ.

Во Нови Сад утре ќе се одржи комеморативен собир, каде што, на повик на студентското движење, студенти и граѓани од цела Србија ќе им оддадат почит на загинатите при падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад пред една година. Во тој град во Војводина веќе пристигнаа колони луѓе и студенти.

Студентите во блокада веќе една година, предводат бран граѓански протести со кои бараат одговорност од властите за смртта на 16 лица при падот на реконструираната настрешница на главната железничка станица во Нови Сад лани.