Истекуваат последните денови од оваа година и многумина веќе се прашуваат каде и со кого би биле во најлудата ноќ за да ја пречекаат Нова година. Најголем дел скопјани ќе останат дома, во своите домови, a некои ќе се забавуваат во угостителските објекти во градов. Малкумина ќе патуваат иако многумина би сакале да доживеат нешто убаво, да се најдат таа ноќ во некои други земји и градови. Некои, пак, мечтаат да отпатуваат во топли краишта за да почувствуваат како е да се пречека Нова година, можеби, покрај некој океан во костим за капење. Од туристичките агенции во градов велат дека, за жал, нашите граѓани не можат пречесто да патуваат. Само дел се обидува да отпатува барем за новогодишните и велигденските празници.
Туристичките работници констатираат дека традиционално за новогодишните празници се резервираат аранжмани за големите европски метрополи, како на пример патувања со автобуски и авионски превоз за Рим, Виена, Будимпешта… Последниве неколку години скопјани ги посетуваат градовите на поранешните југословенски републики, само поради гостувањето на некоја голема музичка ѕвезда од бившите југословенски простори.
Од туристичките агенции, пак, кои се занимаваат со локалниот туризам во земјава, велат дека е интересно и тоа што за новогодишната ноќ Македонија најмногу ја посетуваат Хрвати, а потоа и Словенци. Во последно време идат гости и од Косово и од Албанија. Хрватите, па и Словенците доаѓаат поради храната, добрата македонска кујна и убавите новогодишни пречеци. Велат дека сакаат да ги посетат Охрид, Битола, но и Скопје, Маврово и локалитетот Стоби, како и манастирот „Свети Јован Бигорски“. Хотелиерските работници, пак, тврдат дека за Нова година во Македонија доаѓаат и гости од Шведска, Словенија, Бугарија, Хрватска и за нив се интересни Охрид и Скопје за новогодишен пречек, бидејќи за помалку пари ќе си поминат убаво, а надвор од својата земја.
Скопјани, пак, последниве неколку години сакаат за Нова година да патуваат во градовите од поранешните југословенски републики, пред сѐ, поради организираните музички спектакли и добрата новогодишна атмосфера. Така годинава за нив е интересен Тиват, каде што настапува српската пејачка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ, а за автобуски превоз, две ноќевања и хотелско сместување, граѓаните треба да издвојат стотина евра, објаснуваат вработени од туристички агенции во Скопје. Од европските градови како избор за новогодишната ноќ по атрактивни цени се Букурешт, Атина и некои градови од Централна Европа за кои многу подоцна граѓаните одлучуваат да заминат, велат од една поголема туристичка агенција во градов.
Оттаму потврдуваат дека има граѓани што можат да си дозволат патувања и во подалечни дестинации, како Дубаи, каде што ќе најдат соодветна клима и хотелско сместување, а има и патувања за Тајланд со поволни цени на авионските билети. За некои исто така соодветни за новогодишен пречек се и Малдиви и Бали. Не значи дека далечните патувања секогаш се премногу скапи, посочуваат од агенциите и додаваат дека за Дубаи може да се најдат аранжмани и за 500 евра по лице и тоа со авионски билет и 4 ноќевања, за разлика од патувањата за Малдиви, за кои треба да се издвојат над 1.000 и повеќе евра по лице. За оваа сума се добиваат 7 до 8 ноќевања.
– Оваа година е намален интересот за патувања. Оние што сакаат и можат да отпатуваат на далечни дестинации во декември и во јануари одбираат да одат на Малдиви и Бали. Но за Нова година она што можат да си го дозволат повеќето од клиентите, се европските градови како Рим, Будимпешта, Виена. Израел е дестинација на која некои од граѓаните патуваат за Божиќ – вели Јана Сирачевска, туристичка работничка. Во туристичките агенции забележуваат дека за разлика од лани годинава има зачестена динамика на резервации за новогодишните празници за зимските рекреативни центри. Празниците се, велат, всушност повод да се искористи и зимскиот одмор со целото семејство, кога децата се на зимски распуст.
Се резервираат патувања за Банско, Боровец во Република Бугарија, потоа Копаоник и Златибор во соседна Србија.
И додека едни скопјани ќе патуваат, други ќе слават дома, трети воопшто не се оптоваруваат со новогодишната еуфорија. Едно е сигурно, а тоа е дека сите во новата година имаат многу очекувања и желби.