Фото: Пиксабеј

Интернетот влегува во нова, малку страшна ера

Со години се прашуваме што ќе се случи кога вештачката интелигенција ќе влезе во нашите работни процеси. Излегува дека тоа беше само загревање. Вистинското прашање е: што се случува кога вештачката интелигенција ќе влезе во нашите групни разговори? Со најавената апликација на „ОпенАИ“ за видео, наречена Сора, пред нас се отвора нова категорија – социјални платформи што не се создадени само за споделување и подобрување на човечкиот израз туку и за негово генерирање.
Веќе сме преплавени со видеа направени со вештачка интелигенција – од зајаци на трамбулини до кенгури во авиони. Во морето синтетичка содржина, „Мета“ и „ОпенАИ“ сега одат чекор понатаму: наместо да го покриваат вештачкото, тие сакаат да го постават во центар. На прв поглед тоа изгледа парадоксално – во свет што сè повеќе ја бара автентичноста, свесно ги отвораме вратите за алгоритамски шум. А сепак, можеби тоа има смисла.