Холандски бит и филмски ритам на „Скопје синема сити 2025“
- Филмот „Контрола“ (Control, 2007) е биографска драма за Јан Кертис, фронтменот на култниот постпанк-бенд „Џој Дивижн“, кој го обележа звукот на една генерација
На 29 и 30 октомври, во киното „Фросина“ во МКЦ, ќе се одржи 11. издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје синема сити“, кој оваа година во фокус ја поставува Холандија.
Свеченото отворање ќе биде со култниот филм „Контрола“ на Антон Корбајн – легендарен холандски режисер и фотограф, познат по своите впечатливи портрети на светски музички ѕвезди и по своите влијателни музички видеа. Корбајн е лауреат на годинашното издание, а фестивалот ќе му ја додели наградата за животно дело за неговите достигнувања во областа на фотографијата, музиката и филмот.
Филмот „Контрола“ е биографска драма за Јан Кертис, фронтменот на култниот постпанк-бенд „Џој Дивижн“, кој го обележа звукот на една генерација. Снимен во впечатлива црно-бела фотографија, филмот ја истражува тенката линија меѓу славата, внатрешната осаменост и автодеструкцијата, претставувајќи го Кертис како симбол на младешкиот немир и уметничката ранливост. Корбајн, кој и самиот бил фотограф на „Џој Дивижн“, создава интимен, емотивен портрет што прераснува во визуелна поезија на меланхолијата.
Покрај „Контрола“, публиката ќе може да ги погледне и документарниот филм „Бимхаус блуз“, посветен на легендарниот џез-клуб „Бимхаус“ во Амстердам; краткиот анимиран филм „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска; како и „Македонски дневник во рими“, проект на „Види вака“, кој го истражува светот на домашниот хипхоп.
Во рамките на фестивалот, на 1 ноември во 19 часот, во „Јавна соба“, ќе биде отворена фотографската изложба на Ненад Георгиевски со наслов „Географии, лица и улици“, која го поврзува визуелниот израз со урбаните и културните простори низ кои патува музиката.
„Скопје синема сити 2025“ е поддржан од Амбасадата на Холандија во Македонија и од Министерството за култура и туризам.
Дизајнот на плакатот за 11. издание е дело на Милица Коцева.

































