На старо вино оваа есен мириса, ама мириса и на 40-те изминати години на „Макфест“, најдолговечниот и најуспешен фестивал на забавна музика кај нас, со чии песни израснаа повеќе генерации. Дел од нив слушнавме и синоќа, на третата фестивалска вечер на годинашното макфестовско издание и ниту една немаше мана. Напротив, ја пееја сите во салата на Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип, заедно со македонските музички ветерани, а долгите аплаузи ја украсуваа секоја вечнозелена мелодија. Имаше и солзи, спомени, средби, доделување на признанија на основачите на фестивалот…
Многу емоции собрани на едно место, природен декор на една успешна музичка традиција која опстојува 4 децении. Секако, низ годините и тука имаше подеми и падови, но ентузијазмот и желбата да се успее, да се остави трага, да се излезе од нашите граници, сѐ до денес се присутни кај првите луѓе на фестивалот, кој најмногу од сѐ го сочуваа убавите песни испеани од македонски, но и од балкански, па и светски пејачи.
Мотото на годинашното јубилејно издание беше „40 години гласот на генерациите“, а го поддржаа локалната самоуправа на Штип и Министерството за култура и туризам.
Признание за Стојан Троицки
Но, пред да се вратиме во сегашноста, да се потсетиме на далечната 1986 година, кога на 18 октомрви се одржа првиот „Макфест“. Негов твроец е Стојан Троицки, кој со одбран тим ентузијасти широко им ги отвори вратите на домашните автори и пејачи, креативци од повеќе бранши, кои од фестивалот создадоа меѓународен бренд. Зад фестивалот застанаа најголемите фирми во градот. Од пред десетина години покровител на фестивалот е Општина Штип, а актуелниот градоначаник Иван Јорданов синоќа му додели плакета за животно дело на Стојан Троицки.
Ова признание го доби и Кирил Панајотов, поранешен технички директор на „Макфест“ и постхумно Трајче Јованов, кој од првиот ден беше вклучен во организацијата на „Макфест“, на разни функции. Награди добија и сите уметнички директори на фестивалот досега.
Стојан Троицки, трогнат од моментот, не можеше да ги скрие солзите примајќи го високото признание. Тој рече дека воопшто не било лесно да се организира „Макфест“ низ годините, но со својот тим тој успеал да им одолее на сите предизвици, а сега тоа успешно го прави градот Штип.
Прв на сцената вчера вечер исполнувајќи ја автооркста песна „Осамен“ застана штипјанецот Трајче Манев, кој победи 1987 година, а целата сала пееше заедно со него.
Потоа се редеа, Росана со „Признавам“ на Тоде Новачевски, „Самба во Штип“ со нов аражмана на миленикот на штипската и македонската публика Питер Џон Босе, за која музиката ја напиша тој, а текстот е на Ѓоко Георгиев, вонвременската „Ангели ме носат“ во изведба на „Силви бенд“ и „Свирете ја зајди, зајди“ што емотивно ја донесе Олигица Христовска, и двете на Драган Вучиќ, „Мојата гитара“ што овојпат Сашо Гигов Гиш ја отпеа без „Банкрот блуз бенд“, Тања Кочовска“ ја отпеа „Твоите очи сине“, на авторите Кире Костов и Миодраг Врчаковски, „Сонце за три светови“ на Мики Јовановски Џафер, музиката ја напиша Винко Мишкосвки, а текстот е на Ристо Самарџиев, „Виолина и гитара“ (музика Тино Скендеровски, текст Александар Митевски) за која Коки Јанков доби огромен аплауз, впрочем како и сите учесници…
Владо Јаневски нѐ потсети на „Еден бакнеж“, по негов текст, а музиката е на Григор Копров, а најнајградуваниот пејач и автор на „Макфест“, Ристо Самарџиев, пееше „Таму кај што си“. Ги слушнавме и победничките песни на Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски“, Јован Јованов…., а вечерта која сите нѐ врати многу години назад, сепак, заврши со еден од последните гоелми хитови на „Макфест“, песната „Бела“ што ја отпејаа Пајак и Лара пред неколку години.
Песни-посвети
Првата фестивалска вечер слушнавме 13 дебитанти, од кои шестмина, со гласовите на жирито и на публиката обезбедија виза и за настап во ревијалниот дел, во петокот. Меѓу нив беше и Хрватот Дино Петриќ, кој пееше на македонски јазик, како во старите добри времиња, кога голем број познати ЈУ-ѕвезди исполнија мелодии на македонски, а некои од нив сѐ уште се слушаат. По официјалниот дел, Мики Секуловски и Наташа Малинкова нѐ потсетија на некои големи макфестовски хитови. По нив го слушнавме и Давид Темелков со „Моја Македонија“.
Втората вечер ја отворија водителите Марјана и Димитар, кои ни ја отпеаја „Одведи ме“ на групата „Ареа“. Од настапите впеачтлив беше оној на штипјанецот Зоран Ванев, кој првпат по 28 години пее во родниот град. Иако е познат како фолк-пејач, овојпат се претстави со забавна мелодија. Коки Јанков отпеа песна што му ја посвети на својот долгогодишен компањон Дуле, а одличен настап имаа и Павле Камиловски, Димитар Андоновски, Ана Петановска, Дејан Тасев… Најфестивалската песна, „Најмила“ ја отпеа двократниот победник на „Макфест“, Зоран Илиев, во чест на музичарот Филип Стевановски, кој за жал веќе не е со нас, а ова е последното негово необјавено дело.
Градоначалнилкот Иван Јорданов на Антонија Гиговска ѝ ја додели наградата за песната „Жена“, најслушана меѓу два фестивала во износ од 120.000 денари.
Сите ги придружуваше оркестар со кој раководеше Илија Ќосевски. Тој дојде на местото на Филип Стевановски, кој загина во пожарот во Кочани, заедно со уште 63 жртви на катастрофата, меѓу кои имаше и музичари кои низ годините биле дел од фестивалот. На сите им беше одадена почит пред почетокот на првата фестивалска вечер.
Целиот настан го пренесуваше директно Македонската радио-телевизија. Низ трите фестивалски денови нѐ водеше веќе докажаната водителска двојка Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски.
Годинава органзиацијата на фестивалот беше на високо ниво, а и сцената и звукот овојпат беа одлични, за што се залужни директорот Роберт Саздов, неговата десна рака Јован Јованов, како и оперативниот директор Александар Арсовски.
Сепак, емоциите и искреноста беа она по што ќе се памети ова фестивалско издание, а без овој зачин ниту „Макфест“ немаше да го доживее овој јубилеен роденден како глас на генерациите.
Рекоа за јубилејниот 40-ти „Макфест“
Зоран Илиев: На годинашново 40-то јубилејно издание на „Макфест“ настапив со песната „Најмила“ од Филип Стевановски, која за мене е многу повеќе од музика. Таа е сеќавање, љубов и почит. Пеев песна од човекот кој, за жал, повеќе не е помеѓу нас, кој го почитуваа многу колеги, кој пред сѐ беше татко, професор, уметник, креативец во секоја смисла на зборот, човекот со име и презиме – Филип Стевановски.
Питер Џон Босе: Драго ми е што по подолго време сум повторно во Штип. За роденденот на „Макфест“ ќе испејам нова техно-верзија на хитот „Самба во Штип“. Одлично се чувствувам, сцената е фантастична и драго ми е што ќе пеам во живо. Инаку јас и понатаму се занимавам со музика, живеам во Северна Бугарија, блиску до Турција, и имаам музичко и видео-студио. Ова ќе ми биде седми пат како пеам на макфестовската сцена, па освен „Самба“, ги отпеав и „Паричка“, „Играм салса“, „Пролет“ и други…. Драго ми е што бев дел од музичката сцена на Македонија во златното време.
Трајче Манев: Горд сум што песната „Осамен“ му одолеа на времето. Кога ја отпеав таа 1987 година не се надевав дека ќе стане евергрин. А еве уште се слуша и се надевам така ќе биде и во иднина. За жал, сѐ поретко има вакви големи хитови, но треба едноставно да се почувствува ако некоја песна е онаа вистинската. Јас победив во голема конкуренција, во некогашна Југославија. Прв Кемал Монтено рекол дека оваа песна ќе биде победник. Пред настапот на финалната вечер изјавил: „Ако не победи Трајче од Штип ќе биде штета“.
Олгица Христовска: „Зајди, зајди“ е антологиска песна и искрено овојпат најемотивно ќе ја изведам, а истовремено чест ми е што сум тука. Повеќето луѓе ги нема, оние што ја создадоа, Драган Вучиќ, композиторот, Владимир Нејашмиќ-Бато, кој го напиша текстот, а си замина и Тоше Поп Симонов, во чие студио е снимена. А песната остана затоа што е квалитетна. Убавите мелодии секогаш си го наоѓаат патот, тие се како водата.
Росана: Голема возбуда чувствувам зашто првобитно „Признавам“ ја пеев со Маријана, а сега сум сама. Јас сум презадоволна од она што на нас пејачите ни го овозможи „Макфест“ и имав голем број настапи на оваа сцена. Тука ги отпеав: „Признавам“, „Жена“, „Стој“….Во 2019 испеав балада „Спомени“, за што добив награда за интерпретација. Благодарна сум што овој фестивал постои 40 години, благодарение на организаторите, Општина Штип, но и на сите оние кои дале придонес во изминатите години. Вечерва се потсетивме на некои убави стари времиња, за кои, ете, вредело да се живее, да се твори.
Мики Јовановски Џафер: Драго ми е што младите сѐ уште се заинтересирани за музика, еве ги слушав и тука на дебитантската вечер. Македонија има многу талентирани луѓе и се надевам дека ќе се создадат уште големи хитови како што е оној што јас го отпеав, „Сонце за три светови“, што ете грее и денес и луѓето го сакаат.
Коки Јанков: Во ревијалниот дел на „Макфест“ ја испејав песната „Виолина и…“ на Јован Јованов, што му е посветена на Душан Љубисављевиќ, со кого настапувавме заедно во дуетот „Дуле и Коки“. Тој веќе 12 години не е со нас и се плашев како ќе ја преживеам песната. Но, добро се чувствував на сцената, аплаузот беше долг, а тоа кажува колку е голема почитта за нас, 20- годишниците од Штип, кои пред 30 години почнаа да ја совојуваат македонската музичка сцена. Искрено, најпрво не сакав да ја прифатам поканата, мислев дека тоа за мене ќе биде голем притисок, но спротивно, како да ми се симна голем товар од душата по настапот. Инаку, се разбира дека го сакам овој фестивал, тој е дел од мојот живот, уште како дете трчав по автограми. Го следам од моите 10 години, а овој јубилеј е шанса да се потсетиме на некои убави песни што се дел од колективната меморија, како што е и „Виолина и гитара“ со која, со Дуле победивме на „Макфест“ 1996 година.












































