Фото: МИА

Во Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ ниту се гради, ниту се планира да се градат станбени градби, реагираат од Министерството за здравство (МЗ), во врска со објавите за наводна изградба на зграда на паркингот кај ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.

– Сите градежни интервенциите што се изведуваат во оваа зона се исклучиво поврзани со здравствената дејност и функционалната инфраструктура на јавните здравствени установи. Во делот на нашите надлежности, ја уверуваме јавноста дека работењето на Клиниката се одвива непречено и пристапот за пациентите е обезбеден – се вели во соопштението од МЗ.

Оттаму, исто така, посочуваат дека тоа нема надлежност да утврдува урбанистичко-планска документација, да издава одобренија за градење или да определува сопственичко-правен статус на парцели.

– Овие прашања се во надлежност на органите на локалната самоуправа, пред сè Општина Центар, како и на другите институции од областа на урбанизмот и катастарот – стои во соопштението од Министреството за здравство.