Фото: Пиксабеј

Нега и убавина

Бременоста не е само длабоко лично и емотивно искуство туку остава и траги на биолошко ниво на женското тело. Иако одамна е познато дека периодот на гестација претставува огромен физички и психолошки предизвик, научниците сè повеќе посочуваат дека последиците не се краткорочни. Од хормоналните промени и стресот врз кардиоваскуларниот систем, па до влијанието врз коските, кожата и метаболизмот, бременоста е еден од најинтензивните процеси низ кои може да помине човечкиот организам.
Но колку тој процес „се вградува“ во самите биолошки механизми на стареење? Секоја бременост е поврзана со дополнителни два-три месеци биолошко стареење, тврдат истражувачите. Научниците од Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк анализирале репродуктивна историја и ДНК-примероци од 1.735 лица во долгорочна континуирана здравствена анкета на Филипини, за да го истражат влијанието на бременоста врз процесот на стареење. Истражувачите ја пресметале биолошката возраст на учесниците користејќи шест различни „епигенетски часовници“ – генетски алатки што ја проценуваат биолошката возраст врз основа на примероци, во текот на процес наречен метилација на ДНК. Истражувањето во кое учествувале 825 млади жени покажало дека секоја поединечна бременост што жената ја пријавила, била поврзана со дополнителни два-три месеци биолошко стареење, а жените што пријавиле почести бремености во текот на шестгодишниот период на следење покажале поголем пораст на биолошкото стареење во тој период.