- Успешниот изборен процес е дополнителна потврда дека можеме да си ги средуваме работите дома, односно кога нештата зависат од нас, можеме да ги сработиме без никаков проблем. Така е и со нашите евроинтеграции. Уште пред две децении си ја сработивме базичната домашна работа за да ги почнеме преговорите со ЕУ, но Европа е таа што упорно нѐ држи настрана само затоа што го одбегнува проширувањето. Ако Копенхашките критериуми беа услов за преговори, ние нив ги исполнивме во иста мера како сите земји членки што своевремено преговараа. Но ако се поставуваат услови што задираат во идентитетот, јазикот, историјата и културата на еден народ, тогаш со тоа нема компромиси и токму Европа треба да биде таа што ќе ги тргне таквите условувања, без оглед од каде доаѓаат
Исклучително висок демократски капацитет покажаа македонските граѓани, кои завчера излегоа и гласаа во првиот круг од локалните избори, осми по ред од независноста на државата. Некаде се избраа градоначалници во првиот круг, некаде работата ќе треба да се заврши во вториот за две недели, но во суштина изборите беа еден голем фер натпревар во кој граѓаните одбираа што ним им е потребно, на нивната улица, нивното маало, населба, општина, град.
Она што особено падна во очи, тоа е дека граѓаните имаат „помнење“, дека и покрај тоа што се работеше за локални избори, сепак политиките на дефетизам и попуштање не се заборавени. Не се заборавени ниту политиките со кои се поттикнуваа дезинтеграција и сегрегација во македонското општество, па затоа граѓанската порака на изборите беше повеќе од јасна, дека сите во оваа држава сакаат политики што ќе значат достоинство, развој, демократија и пред сѐ заедништво, особено кога станува збор за националните интереси.
На овие избори конечно им беше зададен удар и на оние што гласачите ги делеа по етничка линија, кои повикуваа да не се дозволи Македонци да одлучуваат за градоначалници во општините каде што некоја друга етничка заедница имала мнозинство жители, небаре Македонците се странци во сопствената држава. Но, нејсе, тоа не помина бидејќи македонските граѓани од сите етникуми ги надминаа етничките предрасуди, сакаат квалитет, мир и просперитет, а не воинствена реторика и поделби од кои полза имаа само оние што со години комотно уживаа во власта и си додаваа нови нули пред единицата на нивните банкарски сметки.
Сето ова јасно говори дека македонското општество созреа и тоа го демонстрира и преку изборите, но, што е уште поважно, ѝ покажа на Европа дека со право го заслужува местото во европското семејство.
Успешниот изборен процес е дополнителна потврда дека можеме да си ги средуваме работите дома, односно кога нештата зависат од нас, можеме да ги сработиме без никаков проблем. Така е и со нашите евроинтеграции. Уште пред две децении си ја сработивме базичната домашна работа за да ги почнеме преговорите со ЕУ, но Европа е таа што упорно нѐ држи настрана само затоа што го одбегнува проширувањето. Ако Копенхашките критериуми беа услов за преговори, ние нив ги исполнивме во иста мера како сите земји членки што своевремено преговараа. Но ако се поставуваат услови што задираат во идентитетот, јазикот, историјата и културата на еден народ, тогаш со тоа нема компромиси и токму Европа треба да биде таа што ќе ги тргне таквите условувања, без оглед од каде доаѓаат. Едноставно, да каже дека не е својствено земја членка на ЕУ што потпишала дека ќе ги почитува европските вредности, да се дрзне да поставува етноцидни услови на земја кандидат во 21 век.
Дури Македонија како држава се обидува да иницира процеси што на некој начин ќе ја демократизираат оваа Европа, која забега од сопствениот колосек, одејќи по паметот на некои земји членки што само за да ги задоволат своите хегемонистички апетити, го валкаат и европскиот образ.
Она што македонските граѓани завчера го изгласаа на локалните избори е реакција и на недоследноста на Европа, која ја понижи и излажа земјава, па има лице и натаму да продолжува да бара повторно да се самопонижиме.
Не, повеќе нема да се случи тоа, бидејќи македонските граѓани бараат фер однос од Европа и затоа бараат европските политички елити конечно нешто да испорачаат. А не треба ништо посебно да направат, туку да употребат малку креативност и еднаш засекогаш да ја заокружат европската приказна на овие простори. Дури ни креативност не им треба оти идеите како Европа повторно да се возобнови доаѓаат токму од овие простори, исто како што од овие простори потекнаа најголемите светски умови без кои светот денес немаше да биде онаков каков што е. Предците на Михајло Пупин се од Вевчани, Никола Тесла е од Балканот, така што без нив немаше да ги има ниту телекомуникациите, интернетот, социјалните мрежи, дигиталните технологии, вештачката интелигенција, за која сега светот се преврте наопаку.
Па, и една скромна идеја за пакет прием на земјите од Западен Балкан со редуцирани права потекна од тука, од нас, а според некои европски медиуми, оваа идеја почнува активно да се разгледува во Брисел. Планот е новите членки да добијат целосни права откако ЕУ ќе го преиспита начинот на кој функционира, за да им се отежни на поединечните земји да ставаат вето на европските политики. Со тоа прашањето за проширување ќе заврши. Противниците на овој процес нема да бидат против, бидејќи новите членки нема да бидат вклучени во процесот на одлучување, нема да може да ставаат вета, туку ќе се приклучат на заедничкиот европски пазар и ќе бидат составен дел од ЕУ, со што приказната за пополнување на вакуум-просторот од трети земји завршува еднаш засекогаш. Кога европската перспектива ќе биде и официјално заокружена, тогаш за многу кратко ќе се решат сите отворени прашања, блокади, вета и слично, бидејќи крајната цел веќе е постигната. Ќе се забрзаат и реформите, бидејќи новите земји членки ќе сакаат што поскоро да се вклучат во процесите на одлучување, да се слушне и нивниот глас и така да бидат артикулирани и нивните интереси.
Да, македонските граѓани постојано го покажуваат својот демократски капацитет, но редно е и Европа да почне да се однесува како порано, кога европските вредности и критериуми беа основа за сите политики. Оваа милитаризирана Европа никој не ја препознава, а тоа се потврдува на изборите што се случуваат кај дел од земјите членки, каде што победуваат оние што верувале во старата добра Европа, а не во овој либерален елитистички клуб, кој упорно го турка континентот кон пропаст.
Едно е повеќе од сигурно, додека Македонија се европеизира, Европа се милитаризира, а тоа никогаш не водело кон добро. Доволно е само да се потсетат сите на епизоди од историјата, особено оној дел дека историјата се повторува. Досега требаше да научат барем нешто од тоа.