КАРАТЕ – ПО ПРВИОТ ДЕН НА КВАЛИФИКАЦИСКИОТ ТУРНИР ВО ПАРИЗ
- Вчера на вториот и последен натпреварувачки ден требаше да настапат Рудина Алиу (до 55 кг), Реџеп Рушити (до 84 кг) и Стефан Стојановиќ (над 84 кг), сите во дисциплината борби. Претходно Ангела Мојсовска (до 68 кг) веќе обезбеди директен пласман на СП во Египет, како седмопласирана на светската ранг-листа
Македонскиот репрезентативец и член на КК Олимпик од Скопје, Фахик Весели (категорија до 60 кг), се пласира на Светското првенство (СП) во карате (од 27 до 30 ноември, во Каиро), по првиот ден од квалификацискиот турнир за СП, викендов во Париз (Франција), а на кој Македонија настапи со девет претставници во борби и еден во кати. Блиску до пласман на СП беше и Вукашин Јовановиќ (до 67 кг, КК Шампион), но во одлучувачкиот елиминациски меч загуби со 0-2 од Србинот Стефан Јоксиќ, откако претходно Јовановиќ имаше три победи и беше прв во својата група девет. Претходно Ангела Мојсовска од КК Макпетрол (до 68 кг) веќе обезбеди директен пласман на СП во Египет, како седмопласирана на ранг-листата на Светската карате-федерација (ВКВ). Весели стигна до пласманот на СП откако во групата 10 го освои првото место, поведувајќи ги Максимилијано Ароса (3-1) од Уругвај, Џозеф Блек (3-0) од Англија и Кенан Сиљак (4-3) од БиХ, а во елиминацискиот дел и Ахмед ел Амине Хелал (1-1) од Франција, поради прв освоен поен.
– Дојдов да го постигнам овој успех и успеав во тоа. Мојата желба за победа беше над сѐ и со многу јасна цел. Сите противници беа добри, па не можам да одвојам ни една борба посебно. Сакам да им се заблагодарам на мојот клуб, моите тренери, Александар Кузмановски, Кристијан Младеновски и Стефан Ефремов, како и до целиот тим КК Олимпик, и на мојата фамилија, која цел живот ме бодри. Благодарност и до мојот физички тренер, поранешниот каратист и репрезентативец Ферат Корбулиќи, кој неуморно ми помагаше во оваа фаза од подготовките за овој турнир. На СП ќе одам со уште поголема мотивација и со цел да бидам најдобар во својата категорија. Се надевам дека со моите резултати уште многу долго ќе радувам нашата спортска јавност. Ништо не е лесно, но мојата желба е преголема, а тоа е да бидам најдобар – ни изјави Весели.
Вчера на вториот и последен натпреварувачки ден требаше да настапат Рудина Алиу (до 55 кг, КК Цветан Димов), Реџеп Рушити (до 84 кг, КК Куштрими) и Стефан Стојановиќ (над 84 кг, КК Макпетрол), сите во борби. Еден од фаворитите за пласман на СП на кое настапија вкупно 548 каратисти од 105 држави, беше и Петар Заборски (до 75 кг, КК Макпетрол), но не успеа.
– Не сум целосно задоволен со мојот настап, имаше моменти што можеа да бидат подобри. Сепак, важно е да извлечам поука од сето ова и да продолжам понатаму со уште поголема мотивација – вели Заборски.
Од Париз на СП одат шест каратисти од секоја категорија, другите 24 веќе се квалификувани преку континенталните првенства (по тројца од секој континент), потоа првите осум од светската ранг-листа, плус претходниот светски првак, еден од земјата домаќин и двајца со вајлд-карта. Г.И.