Мировниот договор за Газа потврди дека никој повеќе не ја гледа ЕУ како фактор на светската политичка сцена
- Без оглед што клучните европски лидери присуствуваа на самитот во Шарм ел Шеик, Египет, каде што планот од 20 точки инициран од Трамп беше потпишан претежно од арапски и муслимански земји, тие одиграа минимална улога во преговорите или буквално никаква
Европската Унија како никогаш досега не била целосно маргинализирана од глобалните политички случувања, а присуството на некои европски лидери во Белата куќа при преговорите за Украина или, пак, сега за време на потпишувањето на мировниот договор меѓу Израел и Хамас, каде што ЕУ-функционерите се само обичен политички декор зад главните актери во овие процеси.
По стапувањето во сила на прекинот на огнот во војната меѓу Израел и Хамас, што во најголем дел се припишува како заслуга на американскиот претседател Доналд Трамп, кој прогласи мир во овој дел во светот, Европа се најде маргинализирана.
Без оглед што клучните европски лидери присуствуваа на самитот во Шарм ел Шеик, Египет, каде што планот од 20 точки инициран од Трамп беше потпишан претежно од арапски и муслимански земји, тие одиграа буквално никаква или минимална улога во преговорите.
ЕУ уште претходно најави дека би можела да обезбеди дел од средствата потребни за обнова на Газа, чии почетни трошоци се проценуваат на повеќе од 50 милијарди долари, но и со таквите финансиски додворувања, сепак е оставена настрана.
– Ќе бидеме активна сила во рамките на палестинската донаторска група. И ќе обезбедиме средства од ЕУ за обнова на Газа – објави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на платформата Икс.
Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, порача дека Франција е подготвена да придонесе во привремените Меѓународни сили за стабилизација, од кои се очекува да ги обучуваат и да ги опремуваат палестинските безбедносни сили. Токму водечките европски земји, како Франција и Германија ја туркаат иницијативата за поголемо вклучување на ЕУ во плановите за обнова на Газа, а Велика Британија веќе на некој начин го обезбеди своето место така што на чело на Комитетот за мир, инаку надгледуван од американскиот претседател Доналд Трамп, ќе се најде поранешниот британски премиер Тони Блер.
Повеќето европски експерти се на ставот дека ЕУ сака да биде позастапена во обликувањето на иднината на Газа, но очигледно такво расположение кај другите нема.
Според нив, меѓу САД и Европа сè уште постои една голема разлика на патот кон траен мир во Газа бидејќи ЕУ се залага за решението за две држави, додека САД се против.
– Европејците беа во голема мера отфрлени од американската иницијатива, а клучниот принцип на палестинската државност останува многу подалечна цел во пристапот на Трамп отколку во европскиот пристап – појаснува Жан-Луп Саман, виш истражувач на Институтот за Блискиот Исток при Националниот универзитет во Сингапур и нерезидентен виш соработник во Атлантскиот совет, за „Дојче веле“.
Други аналитичари истакнуваат дека разединетоста и во рамките на самата ЕУ, како во врска со Газа така и во поглед на Украина, едноставно го нарушуваат имиџот на Европа како фактор што може да донесе некаква одлука и да биде гарант на некои процеси.
– Затоа Унијата ја нема никаде. Па дури и за конфликт што се случува на нејзино тло, оној во Украина, доаѓа Америка да го решава, а ЕУ е само куртоазно поканета без право на глас. Тоа е таа подредена улога што сега се рефлектира и при постигнувањето на мировниот план во Газа. Никој таму не ги сака Европејците, ниту во Комитетот за мир, ниту во другите тела. Единствено се добредојдени парите што ЕУ би ги дала за обнова на Газа, но прашање е дали европските држави ќе се согласат да даваат пари за нешто што друг ќе го контролира. Она што сега е исклучително важно е Европа внатрешно да се реформира за да почне да функционира како силен единствен субјект, а за тоа се потребни и лидери што ќе можат да ја насочат ЕУ во вистински правец, во развој, европски принципи, доследност, наместо кон милитаризација – заклучуваат дел од аналитичарите. С.Т.