Во тек е мисија на засилување на источното
крило на Северноатлантската алијанса
- Авиони за надзор „Е-3 сентри“ се упатуваат од воздухопловната база во Гајленкирхен, Германија, на осумчасовни надзорни летови над Источна Европа, набљудувајќи длабоко во руската и белоруската територија за да ги опсервираат територијата и воздушниот простор што гравитираат кон границата со „територијата и воздушниот простор на НАТО“. Таа мисија на НАТО е наречена „Источна стража“…
НАТО врши надзорни летови над Источна Европа во рамките на мисијата „Источна стража“, чија цел е воено-разузнавачко засилување на источното крило на Алијансата.
– Ние како НАТО мора јасно да ги истакнеме нашата решеност и способност да ја браниме нашата територија, а токму тоа е замислено да го прави „Источната стража“ – изјави Руте на прес-конференција во седиштето на НАТО во Брисел при соопштувањето на целите на мисијата.
За таа цел, авиони за надзор „Е-3 сентри“ се упатуваат од воздухопловната база во Гајленкирхен, Германија, на осумчасовни т.н. „надзорни летови“ над Источна Европа, гледајќи длабоко во руската и белоруската територија за да откријат евентуално потенцијално нарушување на воздушниот простор на НАТО. Екипажот на еден таков лет се состоеше од персонал од различни НАТО-членки, вклучувајќи ги САД, Канада, Данска, Германија, Холандија, Португалија, Шпанија, Романија и Турција.
– Овие мисии ни значат многу. Кога патролираме на овие граници, тие се наши граници. Значи, многу ни е битно да бидеме тука за да ги браниме нашите граници. Ние сме дел од долг синџир на команда и контрола – истакна потполковникот Стивен Вахнон од воздухопловните сили на САД во изјава за „Си-ен-ен“.
Авионот „Е-3“ притоа леташе над полскиот воздушен простор, следејќи ги авионите над руската енклава Калининград, но исто така и над Белорусија и Балтичко Море. Набљудувачкиот авион има џиновска ротирачка радарска антена поставена на трупот што им овозможува на операторите да ги следат авионите до оддалеченост на 650 километри ако летаат високо. Авионите што летаат пониско може да се детектираат на опсег од околу 400 километри, но сензорите на авионот можат да видат и копнени возила и бродови на море, далеку надвор од границите на НАТО. Доколку НАТО одлучи да пресретне странски авиони, екипажот на „Е-3“ функционира и како водилка-насочувач, прецизно насочувајќи ги пресретнувачите на Алијансата кон нивните цели. Р.С.