Фото: ЕПА/Марк Руте

Нема никаков сомнеж дека ЕУ и НАТО работат заедно за да осигураат зајакнување на двете организации, изјави Марк Руте пред почетокот на денешниот состанок на министри за одбрана на земјите членки на Алијансата на кои учествува и македонскиот ресорен министер Владо Мисајловски.

Според Руте, одбранбените иницијативи на ЕУ, како „Ѕидот од дронови“, не претставуваат никакво удвојување на напорите за одбрана, бидејќи НАТО е моќен во „тешките“ работи, како стандардите и капацитетите од воена страна, а Унијата има моќ со внатрешниот пазар за обезбедување средства и поврзување на земјите членки.

– Оваа комбинација е клучна за да работиме заедно. Русија се обидува да не подели, но не е успешна во тоа и ние соработуваме многу добро заедно – потенцира Руте, додавајќи дека НАТО, исто така, внимателно ги следи и случувањата на Западниот Балкан.

Тој додаде дека денешниот ќе биде важен ден на кој министрите ќе се разговараат за тоа што може да се направи уште повеќе за заштита на НАТО од новите предизвици по она што се случи неодамна со упадите на дронови.

– Имавме исклучително успешен самит во Хаг, на кој, како што знаете, се согласивме да ги зголемиме трошоците за одбрана на ниво од пет отсто од БДП, вклучувајќи 3,5 проценти за основна одбрана и 1,5 за сите важни прашања поврзани со одбраната. Тоа беше Самит каде што разговаравме и за зголемување на одбранбеното индустриско производство и да се осигураме дека Украина е во што е можно посилна позиција да продолжи да борбата. И денес ќе се осврнеме на сите тие прашања – рече Руте.

Тој најави дека за случувањата во Украина и за понатамошно зголемување на поддршката за земјата ќе се разговара за време на работниот ручек, на кој ќе присуствуваат и украинскиот министер за одбрана Денис Шмихал и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, како на заседанието на Контакт групата за Украина, што ќе се одржи дека по завршувањето на министерскиот состанок.

– Едно од прашањата за кои ќе разговараме е и новата програма, што ја започнавме во август, каде што САД повторно испорачуваат суштинска воена поддршка на Украина, со средства обезбедени од сојузниците. Веќе се обезбедени две милијарди и имам причина да претпоставам дека денеска и многу други земји ќе најават помош – рече Руте.

Според него, ова, заедно со системите за противвоздушна одбрана и за пресретнување, се клучни работи кои се важни за да се осигури дека цивилното население и клучната инфраструктура на Украина ќе бидат што е можно подобро заштитени од континуираните руски напади.

Во однос на предлозите за соборување на сите летала што ќе го прекршат воздушниот простор на НАТО, Руте оцени дека не треба да се биде толку радикален, па пред да се преземе акција за нивно евентуално соборување треба да се испита дали тие претставуваат конкретна закана.