ФУДБАЛ
- Водечката во групата Ј, репрезентацијата на Македонија, гостува кај селекцијата на Белгија
Македонската репрезентација вечерва гостува во Гент кај селекцијата на Белгија (од 20.45 часот), во еден од клучните мечеви за пласман на Светското првенство (СП) в година, во САД, Мексико и во Канада. По натпреварите одиграни во септември, Македонија е прва во групата Ј со 11 бода од пет средби, а потоа на табелата се Белгија со 10 (од четири меча), Велс со 10 (од пет), Казахстан со три (од пет) и Лихтенштајн без бодови (од пет средби). Македонија и Белгија се единствените селекции во таа група без пораз. Во октомврискиот дел од квалификациите, Македонија уште ќе игра дома со Казахстан, Белгија ќе гостува кај Велс, а двете средби на програмата се в понеделник, од 20.45 часот.
На СП 2026 директно ќе се пласираат победниците на 12-те квалификациски групи. Европа на фудбалскиот Мундијал ќе има уште четири селекции, и тоа победниците на четирите плејофа, во кој ќе настапат 12-те второпласирани во групите од квалификациите и четири од 14-те победници на групите во претходната сезона на Лигата на нациите, меѓу кои е и Македонија, а кои во квалификациите за СП 2026 нема да ги освојат првите две места во своите групи. Победници на групите во Лигата на нациите се и репрезентациите на Шпанија, Германија, Португалија, Франција (од лигата А), Англија, Норвешка, Велс, Чешка (од лигата Б), Романија, Шведска, Македонија, Северна Ирска (од лигата Ц), Молдавија и на Сан Марино (од лигата Д). Од нив, по квалификациските дуели во септември на првите две места на табелите во своите групи беа Македонија, Шпанија, Португалија, Франција, Англија, Норвешка, Чешка и Северна Ирска.
Синоќа во квалификациите во Европа за пласман на СП 2026 играа Финска – Литванија, Австрија – Сан Марино, Белорусија – Данска, Кипар – БиХ, Чешка – Хрватска, Фарски Острови – Црна Гора, Малта – Холандија, Шкотска – Грција. Денеска, покрај дуелот Белгија – Македонија, на програмата се и мечевите Казахстан – Лихтенштајн (од 16 часот), Франција – Азербејџан, Исланд – Украина, Косово – Словенија, Германија – Луксембург, Северна Ирска – Словачка, Шведска – Швајцарија (сите од 20.45 часот). Н.М.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026
ГРУПА Ј
Казахстан – Лихтенштајн 16 ч.
Белгија – Македонија 20.45 ч.
ТАБЕЛА
Македонија 5 3 2 0 11-2 11
Белгија 4 3 1 0 17-4 10
Велс 5 3 1 1 11-6 10
Казахстан 5 1 0 4 3-11 3
Лихтенштајн 5 0 0 5 0-19 0