Фото: ЕПА

Играчите вклучени во истрага за антидопинг и корупција ќе добијат помош од Меѓународната агенција за интегритет во тенисот (ИТИА), која почна пробна програма што нуди финансиска помош и бесплатна правна поддршка, пишува агенцијата „Ројтерс“. Програмата е значајна промена во пристапот за тениските власти и за надзорникот за интегритет на спортот, признавајќи дека на играчите можеби ќе им треба помош за справување со сложени истраги без оглед на вината или невиноста, пренесе „Ројтерс“. Програмата на ИТИА вклучува тестирање производи како додатоци во исхраната или лекови во вредност до 5.000 долари во лаборатории акредитирани од Светската антидопинг-агенција. Ќе бидат дадени и до 5.000 долари за помош во истрагата за потенцијална контаминација на месо, поради што неколку играчи добија позитивни резултати на тестот за забранети супстанции. Покрај тоа, бесплатна правна поддршка ќе се дава од моментот кога ќе добијат позитивен тест.
– Секој што ќе се најде во истрагата против допинг или корупција заслужува можност да се брани. Свесни сме дека процесот може да има и финансиски и емоционални трошоци. Ниту еден играч не зема тениски рекет како дете со никаква мотивација, освен да игра. Поединците се наоѓаат во вакви ситуации од многу причини, па затоа без разлика кои се тие причини и каде завршува случајот, тие заслужуваат некој со кого можат да разговараат – изјави извршната директорка на ИТИА, Карен Мурхаус, пренесе „Ројтерс“. Г.И.