Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
- Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија
Периодот од првиот до третиот век од нашата ера во историјата е познат како рано христијанство и го означува почетокот на доцната антика, преминот помеѓу класичната антика и средниот век. Оваа ера на човековата историја во Европа може да се забележи дури и во 21 век на различни археолошки локалитети на континентот. Една од земјите што несомнено поседува огромно културно наследство од доцната антика е денешна Република Македонија.
Археолошките локалитети на територијата на Македонија откриваат ранохристијански цркви, извонредни мозаици и исклучителна архитектура од раното христијанство и доцната антика. Според официјалниот наратив, христијанството влегло во Македонија само неколку децении по распнувањето на Господ Исус Христос, факт потврден дури и во Библијата. Во светата книга на христијанството, Библијата, Македонија се споменува околу 30 пати, во зависност од преводот. Во Дела 16:9 од Новиот завет, можеме да прочитаме дека Свети апостол Павле имал визија во која еден Македонец го повикал во Македонија за да му помогне на македонскиот народ.
Црквите во Македонија, од најраните времиња на христијанството, и значајните базилики од четвртиот век, кога под власта на Константин христијанството станало официјална религија, се многубројни и пленат со својата автентичност. На археолошката карта на Македонија, во книгите и научните дела поврзани со раното христијанство и доцната антика, можеме да наведеме неколку стотици потврдени остатоци од ранохристијански базилики.
Единствениот познат град од класичната антика што продолжил да постои во доцната антика е стариот град Лихнидос или Лихнид, денешниот град Охрид на прекрасното Охридско Езеро во Македонија. Таму, во духовната престолнина на Македонија, Ерусалим на Европа, античките хроничари забележале дека имало точно 365 цркви, по една за секој ден од годината. По археолошките истражувања и во минатото и во овој век, во Охрид се пронајдени остатоци од девет ранохристијански базилики. Античките крстилници, мозаици и архитектура претставуваат најпрефинети ранохристијански градби, храмови и градови.
Друго место во Македонија каде што може да се види такво културно наследство е старата Хераклеја Линкестис во близината на денешниот град Битола. Таму, ранохристијанските базилики и мозаици се на исто ниво на убавина како и оние во Охрид.
На локалитетот Стоби кај Градско, кој, како и Хераклеја во Битола, е познат како еден од првите ископани археолошки локалитети на територијата на денешна Република Македонија, посетителите можат да видат неколку ранохристијански цркви и многу повеќе.
Друг локалитет во Македонија каде што е потврдена епископска резиденција од доцната антика е градот Баргала кај Карбинци, откриен кон крајот на првата половина на минатиот век. Таму, посетителите можат да уживаат во остатоците од доцноантичкиот град и да ги видат ранохристијанските базилики. Она што е интересно е дека под или во близината речиси на секој денешен град во Македонија има остатоци од цркви што датираат од најраните времиња на христијанството.
Културното наследство на Македонија плени со своето присуство низ целата земја. Културните слоеви, за кои научниците потврдија дека постоеле од праисторијата, потоа во антиката и продолжиле во доцната антика, ја покажуваат континуираноста на постоењето значајни центри во сите македонски региони.
продолжува
М-р Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)