Фото: „Нова Македонија“

Брисел сака да задира, но не поднесува други да се сомневаат во неговите политики

  • Бриселското незадоволство од изнесените ставови на Илон Маск е особено дискутабилно, земајќи ги предвид постапките на Европската Унија, која постојано (активно) се меша во внатрешните работи на други земји, вклучително и на Македонија, односно на балканските држави. Таквата практика се забележува при отвореното вообичаено предизборно фаворизирање од страна на ЕУ на одредена политичка опција во државите надвор од европскиот блок

Двојните стандарди и лицемерноста на европските либерални политички елити којзнае по кој пат излегоа на виделина при нивното неодамнешно соочување со најбогатиот човек на денешницата, Илон Маск, откако тој неодамна упати критики во однос на внатрешнополитички нелогичности на европските држави. Европското незадоволството е особено дискутабилно, земајќи ги предвид постапките на актуелен Брисел, кој во континуитет на управувачкиот мандат на либералите се меша во внатрешните работи на други земји, вклучително и на Македонија, односно на балканските држави. Таквата практика се забележува при отвореното вообичаено предизборно фаворизирање од страна на ЕУ на одредена политичка опција во државите надвор од европскиот блок.

Остар напад, остар контранапад…

Илон Маск неодамна отворено ја критикуваше британската влада на социјалните медиуми, повикувајќи дури и на „соборување на премиерот Кир Стармер“, кој милијардерот своевремено го обвини дека е „соучесник во силувањето на Британија“. Таквиот став на Маск наиде на остар одговор од британскиот министер за енергетика Ед Милибанд.
– Имаме порака за Илон Маск: губете се од нашата политика и од нашата земја. Илон Маск, тој поттикнува насилство на нашите улици. Тој повикува на соборување на нашата избрана влада. Тој овозможува дезинформации преку Икс. Тој мисли дека може да ни каже како да ја водиме Британија – порача Милибанд.
Гневот на британскиот министер кон Маск е добра илустрација за тоа како Европа го доживува мешањето во нивните внатрешни работи. Но кога тие самите се мешаат во внатрешните работи на трети земји, тоа не е исто?! Имено, неспорен факт е дека западноевропските земји се исклучително безобѕирни кога тие самите се мешаат во политиката на други земји, но тоа го прават од „демократски“ побуди…

И Фридрих Мерц му се закани на Маск

Но Британија не е прва европска држава што остро реагира кон „задирачките ставови“ на Маск. Во февруари, канцеларот на Германија, Фридрих Мерц, додека беше кандидат за функцијата, му се закани на Маск. Мерц тогаш изјави дека сопственикот на „Тесла“, Маск, кој до неодамна раководеше со американското Одделение за ефикасност на владата, ќе се соочи со последици поради мешањето во германската предизборна кампања. Во интервју за „Волстрит џурнал“, Мерц рече дека тоа што се случува во предизборната кампања не може да помине без реакција.
– Тоа може да биде политички одговор. Може да биде правен одговор. Сакам мирно да го анализирам тоа по оваа изборна кампања – истакна Мерц.

И европарламентарците реагираа на Маск за „мешање во европската политика“

Во јануари во парламентот на ЕУ дури имаше и дебата на темата „Илон Маск и неговите обиди за мешање во европската политика“. Иницијативата за ваквата расправа потекна од неколку пратенички групи, кои побараа „итна парламентарна дебата за објавите на сопственикот на Икс на неговата социјална мрежа и за тоа дали со нив се прекршуваат одредбите за умереност на содржините од Законот за дигитални услуги на ЕУ“. Претседателката на либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ), Валери Ајер, порача дека Европа не може да биде слепа пред намерата на Маск да се меша во демократските процеси во ЕУ, додека лидерката на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), Ираче Гарсија Перез, даде квалификација дека „на европските демократии им се закануваат нови опасности, кои се помоќни и од оружје: лажни вести, говор на омраза и злоупотреба на социјалните мрежи“…
Од друга страна, германскиот европратеник од редовите на Европската народна партија (ЕПП), Аксел Вос, соопшти дека неговата пратеничка група доставила неколку барања до Европската комисија за процена дали однесувањето на Маск е во „спротивност со правилата утврдени со ДСА или не е“.
Реакциите дека вербалните настапи на Маск одразуваат начин на „мешање на Маск во европската политика“ почнаа откако тој во ноември минатата година на својата социјална мрежа Икс објави дека голем дел од трошоците на ЕУ паѓаат на товар на Германија. Но оваа негова објава не предизвика поголеми негативни реакции на населението во Германија, дури напротив.
Натаму, наредниот негов чекор беше јавен коментар за поддршка на партијата Алтернатива за Германија (АФД), во пресрет на февруарските предвремени парламентарни избори во земјата, што од либерално ориентираните партии во Германија беше дочекано на нож. С.Р.


Во Брисел заборавиле што значи да се биде принципиелен

Актуелните европски елити – хиперсензитивни на надворешни сугестии!?

Аналитичарите сметаат дека нервозата на бриселските политички лидери е очигледна, бидејќи тие се соочуваат со „нов тип интервенција, која претставува непозната територија за Европа“, особено бидејќи станува збор за Маск, кој има политички проект идеолошки различен од актуелниот бриселски (европски), а плус тоа, тој ја поседува и една од најмоќните глобални комуникациски мрежи.
Очигледно е дека ваквата ЕУ стана многу чувствителна на надворешни сугестии, и тоа спротивни од доскорешните што потекнуваа од Вашингтон (од американските демократи). Кога сугестиите, насоките, па и инструкциите од Вашингтон од администрацијата на Бајден беа во голем обем компатибилни со политиките на Брисел, тогаш тоа не се чувствуваше како „мешање во внатрешните работи на Европа“. Сега, пак, кога Трамп, поточно Маск, со свои суверенистички ставови и изливи на вербални становишта генерира тотално спротивни политички мислења од оние на европските либерални елити, тогаш тоа е квалификувано како „мешање во европската внатрешна политика“ и „мешање во внатрешните работи на нејзините членки“ (?!). Притоа, да не заборавиме и дека „од ЕУ постојано ја обвинуваат и Русија за мешање во внатрешните работи на Унијата“ и за „влијание во изборните процеси во институциите на ЕУ или кај нејзини членки“. С.Р.


Заедно со богатството растат и политичките амбиции на Маск

Илон Маск месецов стана првиот со богатство од 500 милијарди долари, според индексот на милијардери на магазинот „Форбс“, тежејќи 150 милијарди долари повеќе од вториот на листата – Лери Елисон. Особено е интересно што богатството на Маск постојано се зголемува и покрај информациите за егзодус на вработени од неговите компании, за што извести „Фајненшл тајмс“, врз основа на разговори со повеќе од десетина сегашни и поранешни вработени во компаниите на милијардерот.
– Маск е најбогатиот човек на Земјата, но поттикот и интензивниот фокус што го доведоа до тоа ниво на финансиски успех, исто така, можат да ги направат неговите компании предизвикувачки средини за работа. Земете ги предвид и сè поконтроверзните политички ставови на Маск, па многумина вработени, релативно нови и долгогодишни работници, одлучија да заминат на друго место – пишува меѓу другото „Фајненшл тајмс“.
Паралелно со богатството растат и политичките амбиции на Маск, кој неодамна ја истакна желбата за основање нова политичка партија во САД.
За обележување е дека Маск имаше одредени несогласувања со неговиот довчерашен политички сојузник – американскиот претседател Доналд Трамп, но според упатените, тие несогласувања биле надминати при средбата на Трамп и Маск на погребот на нивниот поддржувач Чарли Кирк, кој беше брутално убиен во акт на политичко насилство.
Регистрираме и дека Маск летоска на својата платформа Икс објави дека ја основал Американската партија, претставувајќи ја како предизвикувач за двопартискиот систем на републиканците и демократите во САД, при што остана нејасно дали партијата е формално регистрирана. Она што е јасно е дека Маск се врати повторно во политичкото јато на Трамп, иако тој идеолошки никогаш не излегол од него. С.Р.