Фото: Маја Јаневска-Илиева

Судиите на Основниот кривичен суд Скопје изразуваат најдлабоко сочувство и искрена солидарност до семејството, роднините и блиските пријатели на судијата Астрит Каљаја од Тирана, Албанија, кој во текот на вчерашниот ден беше убиен во судница, при извршување на неговата функција како судија.

– Во овие тешки моменти, ги уверуваме судиите од Албанија, и семејството на покојниот судија, дека тие се во нашите мисли, па затоа изразуваме силна поддршка кон сите колегите судии, судската служба и целиот судски систем во Република Албанија, кои се соочуваат со болката од загубата, но и со загриженоста за безбедноста и достоинството на третата власт. Овој суров чин не е само напад врз една личност, туку тоа е напад врз основните принципи на правдата, независноста на судството и владеењето на правото. Воедно, убиството на нашиот колега само ја потврди загриженоста на судиите во целиот регион, за нивната сигурност и достоинствено почитување на нивните права што во последните години е доведено во прашање во повеќе балкански земји, вклучувајќи ја и Р.С. Македонија – се наведува во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.

Во тој правец, се додава во соопштението од судиите на Основниот кривичен суд Скопје, ги повикуваме сите компетентни институции во Албанија и меѓународната заедница да ги преземат сите неопходни мерки со кои ќе ја унапредат безбедноста на судиите и судската служба при извршување на нивната службена должност, што не е ништо друго освен гарантирање на правната сигурност и заштита на Уставно загранатираните права и обврски на граѓаните на Албанија.

– Ние, Судиите на Основниот кривичен суд – Скопје, веруваме дека правдата мора да победи, дека безбедноста на судиите е крајно неопходна, и дека ние сите — како судска професија и како општество мораме да стоиме цврсто во одбрана на правдата, достоинството и институционалниот интегритет – стои во соопштението.