Под слоганот „Со мали чекори кон големи соништа“, во убавиот неделен сончев ден на Могилата на непобедените во Прилеп се одржа свеченост на која првачињата од сите основни училишта станаа дел од Детската организација.
Во еден глас тие ветија дека ќе ги почитуваат наставниците, дека секоја задача ќе се обидат со лесно да ја решат. Тие замолија за прошка ако нешто згрешат, но дадоа и чесен татковински збор дека ќе се дружат со другарчињата во училишниот двор.
Наставниците им рекоа дека ветувањата треба да се почитуваат, а тие тука се да им помогнат.
Актерот Михајло Миленкоски, водејќи ја забавата, побара првачињата да се расположат, да се радуваат и со насмевка да се забавуваат.
А дечињата, возбудени што стануваат членови на Детската организација, пееја, играа, се дружеа.


Бистра Топчиоска од ОУ „Кочо Рацин“ рече дека сака на училиште да научи нови нешта, а Ирена Даскалоска возбудено изјави дека таа и нејзините другарчиња дале свечена заклетва што ќе ја исполнат. Дамјан Миленкоски, пак, рече дека ќе учи и ќе се труди еден ден да стане полицаец.
Секоја година, првата седмица од октомври им се посветува на најмалите – децата – најголемото богатство, гордост и иднина. Во текот на Светската недела на детето се зборува за нивните права и важноста да ги научиме на вистинските вредности на животот, за да успеат во светот што ги чека. Затоа и креативниот настан, придружен со програма од фестивалот „Весели ѕвончиња“, се одржа на 5 октомври – Меѓународниот ден на учителот, кога наедно се слават трудот и посветеноста на наставниците, воспитувачите и професорите, кои со љубов и трпение секојдневно го обликуваат патот на новите генерации. Ка.М.