Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

  • Досега 18 селекции обезбедија место на Мундијалот в година во САД, Мексико и во Канада

Откако 18 фудбалски репрезентации веќе се пласираа на Светското првенство, од утре следуваат нови квалификациски мечеви низ целиот свет по кои може да бидат познати нови учесници на Мундијалот в година во САД, Мексико и во Канада. Светската фудбалска федерација (ФИФА) ги разгледува селекциите што се најблиску до додавање на своите имиња на списокот со учесници. Октомвриските квалификациски мечеви се од утре до идната среда.
Во Африка, каде што Мароко и Тунис го обезбедија својот билет, октомври би можел да им донесе пласмани на мноштво други репрезентации. Така, репрезентацијата на Алжир ќе го гарантира своето место по 9. коло ако ја победи селекцијата на Сомалија, Зелено`ртската Република ќе се пласира ако победи на дуелот со Либија, Египет ќе се квалификува ако слави на средбата со Џибути (за сите три селекции има и други опции, но тогаш зависат од резултатите на други репрезентации), пишува ФИФА. Пласман по деветтото коло може да обезбедат и некои други селекции, но зависат од резултатите на ривалите.
Натпреварите во Европа и во Северна Америка во октомври може да ги донесат првите квалификанти, иако за секој е потребна комбинација од резултати за да се потврди учеството, пишува ФИФА.
Во Азија, откако Австралија го запечати своето место на последниот ден од третото коло, сите очи сега се вперени во октомври и четвртата рунда од квалификациите, во која ќе играат шесте репрезентации што се пласираа на третите и на четвртите места во групите од третата рунда: Индонезија, Ирак, Оман, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Тие се извлечени во две групи со по три селекции, а победниците од овие групи ќе се пласираат на СП 2026. Во петтата рунда, пак, ќе се сретнат двете репрезентации што ќе бидат второпласирани во групите од четвртата рунда, во двомеч, а победникот од тие средби ќе се пласира на плејоф-турнирот на ФИФА.
Во Океанија, иако загуби од Нов Зеланд во квалификациското финале, Нова Каледонија уште има шанса да стигне до СП 2026, откако ќе се натпреварува на плејоф-турнирот на ФИФА. Во Јужна Америка сите шест автоматски места се пополнети, а Боливија ќе игра на плејоф-турнирот на ФИФА, на кој ќе настапат вкупно шест репрезентации. Н.М.