Збогум, мирно лето

Е, сега е ред да му се оддолжиме и на летото, кое штотуку заминува, иако не е далеку и она задоцнетото. На прагот од есента, се чини дека зад нас остана уште една прекрасна летна приказна. Можеби за време на летото се жалевме на неговите палавости, можеби врелината ни го пржеше мозокот, можеби беше преплавено од политички пијавичести облици и форми, кои не можете да ги фатите ниту за глава ниту за опаш, а уште помалку да ги разберете, ги колневме сушата и енормно зголемениот број на силни пожари. Но едно е вистина – сѐ повеќе ќе тагуваме по утринските изгрејсонца, по атрактивната понуда на денот, по пријатното освежување во квечерината и многубројните сентиментални приказни раскажани од младоста. Згора на сѐ, мирисот и вкусот на пивото и на другите освежителни пијалаци не се како во летниот период. Кога ќе се сетиме дека, еве, со првите есенски закани ќе треба да се облечеме и притоа да заборавиме на маичките и бермудите, сѐ повеќе ќе го спомнуваме и сѐ повеќе ќе трошиме убави зборови за него. Можеби затоа што светската политика, медиумите, па и јавното мнение, зачестено го употребуваат терминот што застрашува и се нарекува „последно мирно лето“. Да се надеваме дека во овој веќе нападно изграден сензационалистички свет, тешките думи и зборови се само сензација, нели? Постарите сигурно се сеќаваат на „Мирно лето“ од Димитри Рули Османли, со Џундева, Перовиќ, М. Бошкова, Прличко, Дамевски. Комедија што асоцира на мирен летен период со постојана закана од бури.
Но сега е важно да знаеме што нѐ очекува есенва. Ако е до креаторите на светската политика, тие доминираа и на септемвриската сесија на Обединетите нации, на која секој од делегираните лица од 189 држави зборуваше како за себе, бидејќи чувството дека никој не сака да ги слушне аргументите и маките на соговорникот беше доминантно и, во најмала рака, несериозно. Ова загрижувачки го нагризува авторитетот на светската организација што е задолжена за мир во светот. Секој си го кажа своето без да ги слушне поплаките, зборовите и мислите на соговорниците, секој помина по редот, како што велеа нашите мудри старци, и толку. Беше самит, а на самитот исто па исто. Ровови и никој да излезе од нив. Немаше ништо конкретно освен закани на завојуваните. Можеби ова сега е кулминација на обезвреднување на авторитетот на Обединетите нации, бидејќи нивната атрофија започнува од далечните шеесетти години од минатиот век, како резултат на идеолошката спротивставеност на Западот и СССР како тогаш водечки претставник на комунизмот. Оттогаш наваму, педантните статистичари (во статистика лично не верувам бидејќи има мала лага, голема лага и статистика) регистрирале над 260 воени конфликти од помал и поголем обем, што е навистина трагично. Оттаму, како и за многу други суштествени системи што се дел од нашите животи, се бараат реформи што би ги подобриле ефикасноста и авторитетот на Обединетите нации за добросостојба на човештвото. Оти, наближува периодот кога тие и во минатото беа „подгазени“ од страна на двете суперсили што беа на работ од нуклеарен судир. Тој, оваа наша прекрасна планета, можеше да ја претвори во „царство на пепел и студенило“.

За жал, ми се чини дека сѐ е некако забегано, сѐ се претвори во илузија од закани, која ни се всади во умот, анимална бесчувствителност, адреналин за кој на времето знаевме многу малку и кој нѐ претвора во јарци на паднато стебло преку бесни води на планинска река. Никој да попушти. Се водат опасни игри на раб од нож.
Туку, ајде ние малку и за нашите гајлиња. Веќе по третпат (ако не се лажам) во независна Македонија, Вардар македонски пресушува до биолошки опстанок. Ниту капка вода во неговото корито, полно со отпадоци на кои местото не им е таму. Вардар, гордост на Вруток и Гостивар, на Скопје, Велес…
Помнам кога гргаше од вода. Речиси до август, врвовите на Шара носеа снежни капи. Снегот се топеше и ги полнеше подземните извори. Реката беше кристално чиста и бисерно проѕирна. Мирисот на риба се ширеше низ целата населба, а плажи имаше на сите страни. Од една страна на реката, Џамиџиди Маало. Од оваа страна, ние од Дутлок – новата населба. Подолу Македонско Маало и Балиндол. Голема притока – Лакавица. Полна со мрени. Горе во височините, преполно со вода Мавровско Езеро. Сега, до климатските промени ќе да е или не? Вардар немаше корито и постојано ни се закануваше со поплави. Го поплави и Скопје, нели така? Дали сега може да го направи тој зулум? Никако, оти е без вода во горниот тек!

Од брегот па до улицата, парк. Зеленило, рај. Таа улица беше права како пушка. Беше една и единствена. Од последната куќа на новата населба до централниот мост. Таа е посебна бидејќи водеше низ целото маало – населбата. Дури и уличките со многу свиоци имаат свое маало. Овој волшебен турски збор прифатен како наш има своја содржина, свои мани и свој живот. Улицата е училиште, забава, писта за глупости, ука и одука, без неа е поинаку, со неа секако. Таа беше основа на маалскиот живот. Кој како, но ние, повеќето, дипломиравме на улица. Игрите ни беа испити. Другарството светост. Факултетите, за кого како, надградба.
Некој сега ќе си рече, што прави овој колумнистот? Се движи од попова на ковача, така се вели во Гостивар. Од една тема на десетта. Улицата е поврзана со летото, ама и со другите годишни периоди. Таа некогаш вриела од дечиња. Врева, игри, надмудрување, соперништво, трчаници. Децата коски и кожа, ама жилави и со многу живост во крупните очи. Ја спомнувам како одраз на некое време и сведок за начинот на функционирање. Ја спомнувам бидејќи требаше да се зачува стое она што беше нејзина вредност – душата.
Денес, асфалт и грмежи низ ауспуси, аздисаност на неуки возачи, ученици и тинејџери со голем број тротинети, мотори и АТВ со четири тркала за планински авантури. Ретки пешаци, без дечиња со нивните игри. Непрегледни колони моторни чудовишта наместо луѓе. Штом толку брмчат, веројатно си го зборат својот немушт јазик – разговараат. Кај луѓето, пак, замре муабетот. Се чини дека сѐ ќе беше поинаку ако го зачувавме духот на маалото и улицата. Можеби и самитите на господата делегати во ОН ќе имаа тежина и сериозност, која сѐ повеќе исчезнува. Харлем е колепка на НБА.
Мислам дека е доста. Повторно нуркам назад во времето кога и профитот имаше душа. Го слушам Рики Нелсон со „Рио Браво“, Синатра со „Странците во ноќта“, Жо Дасен со „А туа“, Зоран Георгиев со „Еден бакнеж“, Автовски со „Кажи зошто ме остави“, Плетерси со „Само ти“, Рита Павоне со „Комете нончене суно“, Чиљола Чинквети со „Ноно ле тано“ и неодминливиот Пол Енка со „Дајана“. Питома, сочна музичка сцена, слика и прилика на времето во кое беше создавана. Мека како кадифе. Секако дека ги слушам Мадона и Бијонсе како денешна утеха. Се збогуваме со уште една летна приказна со препорака до читателите да ги гледаат мјузиклите „Саем во Тексас“ со Пет Бун и „Веселиот клуб на младите“ со Клиф Ричард. Колку само малку да ја почувствуваат некогашната летна романтика пред можните есенски бури. Беспилотни летала над Данска – собири и контрасобири во Србија. Авет на закани. Господа, нѐ чека скапа ајвар-сезона.

Љубомир Јованоски

Авторот е писател