ИОК
- Олимписките игри го покажуваат најдоброто од човештвото… Сакам да се осигурам дека Игрите ќе останат релевантни и простор на инспирација, особено во многу поделениот свет, вели претседателката на ИОК, Ковентри
„Спортот е едно од најефикасните решенија со ниски трошоци и големо влијание за спречување болести и за поддршка на менталното здравје“, изјави претседателката на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Кирсти Ковентри (42), на состанокот на високо ниво за незаразни болести и ментално здравје за време на годишниот состанок на високо ниво свикан од Генералното собрание (ГС) на Обединетите нации (ОН) во Њујорк, пишува ИОК.
Незаразните болести вклучуваат седум од десетте најчести причини за смрт во светот. Покрај тоа, речиси една милијарда луѓе се соочуваат со ментални здравствени проблеми, вели Светската здравствена организација (СЗО). ИОК има статус на постојан набљудувач во ОН, а Ковентри пристигна во ОН првпат како претседателка на ИОК. Таа беше придружувана од Луис Алберто Морено, постојан набљудувач на Интернационалниот олимписки комитет во ОН и присуствуваше на 80-та сесија на ГС на ОН. Таа таму се сретна со голем број шефови на држави и влади, меѓу кои и Џорџа Мелони, премиерката на Италија, која ќе биде домаќин на претстојните Зимски олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина во 2026 година, пишува ИОК.
Ковентри се сретна и со претседателот на Парагвај, Сантијаго Пења, и со претседателот на Сенегал, Басиру Диомаје Диакар Феј. Сенегал ќе биде домаќин на следното издание на Младинските олимписки игри „Дакар 2026“. Ковентри разговараше и со поранешниот претседател на Комисијата за етика на ИОК и генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, претседателот на Светскиот карлинг, Бо Велинг, членот на ИОК и член на Комисијата за спортисти, Пау Гасол, и со Реми Риу, извршен директор на Француската агенција за развој (АФД).
Во емисијата „Денес“ на НБЦ, Ковентри зборуваше за својата визија на Игрите.
– Олимписките игри го покажуваат најдоброто од човештвото… Сакам да се осигурам дека Игрите ќе останат релевантни и простор на инспирација, особено во многу поделениот свет – рече таа. Г.И.