Фото: ЕПА
  • Шпанскиот мотоциклист, кој е планетарен шампион во Мото ГП по шест години, претходно триумфира во 2013, 2014, 2016, 2017, 2018 и 2019 година

МОТО ГП

Возачот на Дукати, Марк Маркез (32), ја освои својата седма титула светски шампион во Мото ГП откако вчера го освои второто место на трката за големата награда на Јапонија во Мотеги. Шпанецот ја обезбеди титулата на пет трки пред крајот на сезоната, оти е во водство во генералниот пласман со 541 бод, а неговиот помлад брат Алекс Маркез од Гресини Рејсинг е на второто место со 340 бода.
– Невозможно е дури и да се зборува, само сакам да уживам во моментот, но вистина е дека беше тешко, беше супертешко, но сега сум смирен. Направив голема грешка во мојата кариера што се вратив прерано (од операција). И потоа се борев, се борев, се борев, и повторно победив – рече Маркез, пренесе „Би-би-си.
Маркез ја освои својата седма титула светски шампион во Кралската класа и деветта во сите категории. Тој се изедначи според бројот на титули во Мото ГП со прославениот ас Валентино Роси. Маркез, кој ја освои титулата во Мото ГП по шест години, претходно триумфира во 2013, 2014, 2016, 2017, 2018 и во 2019 година. Сезонава тој забележа 11 победи во 17 главни трки, а оствари 14 триумфи во спринт-трките. Тој имал четири операции на раката во претходните години, што влијаело да пропушти 30 трки во четири сезони.
Прв низ целта на трката во Јапонија помина возачот на Дукати, Италијанецот Франческо Бањаја, а трет беше Шпанецот Жоан Мир од Хонда, што е негов прв подиум по четири години. Бањаја, кој беше светски шампион во 2022 и во 2023 година, е трет во генералниот пласман, со 274 бода. Следната трка на програмата е в недела, за големата награда на Индонезија. Г.И.