Акцент
Фалсификатот како национална стратегија
Софија повторно приложува докази во јавноста дека одамна ја вградила лагата во сопствениот национален идентитет. Онака како што се третира историјата од страна на Бугарија, преполна со ретуширања и историски ревизии, така се изнесуваат примери на негирање на македонскиот јазик и народ, преку фалсификување на историјата, па сè до денешните напади врз македонските медиуми. Последниот случај е најсвеж и јасен: на порталот „Актуално“ (Actualno.com) осамнаа „ексклузивни документи“ со кои се тврди дека новинар на „Нова Македонија“ се изјаснил како Бугарин.
Насловот сам по себе е доволно скандалозен: „Българин по документи, македонец за пари – лицето на пропагандата в Северна Македония“. Со ова, уште пред да се отвори текстот, на читателите им се сервира доза отровна пропаганда, а не професионално новинарски изработена статија. Дополнително, кога ќе се разгледа содржината – станува јасно дека се работи за класичен провиден фалсификат.
„Документи“ без покритие
Според написот, новинарот наводно поднел молба за бугарско државјанство во 2013 година, во која „јасно напишал: моето самосъзнание е българско“. На тоа се додава дека е роден во Куманово, дека татко му се викал Никола, мајка му Олга и дека дури добил „удостоверение од Агенцијата за Бугарите во странство“.
Но вистината е сосема поинаква:
Новинарот нема татко Никола, ниту мајка Олга.
Не е роден во Куманово.
Информациите изнесени во текстот не одговараат воопшто на идентитетските податоци на нашиот новинар.
Со други зборови, сите „факти“ што ги објавија се измислени. Ова не е грешка, ова не е недоразбирање. Ова е свесно и намерно лажирање документи со цел да се измами сопствената јавност и да се оцрни Македонија.
Желба за удар врз „Нова Македонија“
Целта е очигледна: со дискредитирање на новинарот се дискредитира и најстариот македонски весник „Нова Македонија“. Весникот што со децении е симбол на македонското новинарство, денес некој се обидува да го дискредитира со евтини пропагандистички трикови.
Статијата оди уште подалеку – го обвинува новинарот дека е „главна острица“ против Бугарија, дека води „антибугарска пропаганда“ и дека со неговите текстови ја труе македонската јавност. (?!)
Но се разбира дека секој оној што ја кажува вистината за историските лаги и современите манипулации од Софија – станува нивни непријател. Тоа е стара и препознаена тактика: Обвини го оној што зборува гласно, за да ја замолчиш вистината.
Овој случај не е изолиран. Тој е дел од континуитетот:
Како што ја лажираат историјата, така лажираат и вакви и слични документи врзани за поединци и настани.
Како што измислуваат „факти“ за македонскиот јазик, така сега фабрикуваат биографии на новинари.
Како што негираат постоење на македонскиот народ, така и денес фабрикуваат парадокси со наслови од типот: „Бугарин по документи, Македонец за пари“.
Тоа е таква стратегија: Фалсификувај, излажи, повтори и повторно повтори!
Но лагата има краток рок на траење. Колку тие опскурни шовинистички центри и да се трудат да создадат паралелна реалност, вистината секогаш излегува на површина.
А вистината е јасна:
Македонскиот народ постои.
Македонскиот јазик постои.
Македонското новинарство опстојува и ќе продолжи да ја брани вистината, со „Нова Македонија“ како знаменосец и цврсто на браникот на професионалните новинарски стандарди, принципи и новинарска етика.
Јавноста многу добро знае дека со вакви фалсификати, центрите од Бугарија не ја понижуваат Македонија, туку сопствената јавност. Токму со овој пример уште еднаш се докажува дека единственото лице на пропагандата е она што се гледа во огледалото на Софија.
Вечната опседнатост со Македонија
Со вакви евтини измислици, Бугарија не ја менува историјата, не го брише македонскиот идентитет, ниту ја загрозува вистината. Единственото што успева да покаже се сопствената немоќ и вечната опседнатост со Македонија.
И можат да измислуваат уште илјадници „татко Никола“ и „мајка Олга“, но тоа никогаш нема да ја избрише реалноста: Македонија е вистинита, а Бугарија останува заробена во фабриката за лаги.