Стапката на ресоцијализација на затворениците е релативно мала, вели директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, посочувајќи дека кадарот што сега работи на ресоцијализација во затворите е обучен и подготвен, но за жал е многу е мал, но и дека треба да се работи на заживување на затворските економии.
Според Пандов, гледано низ призма на бројот на повратници во затворите, моментално во затворите две третини од затворениците се повратници.
– Стапката на ресоцијализација на затворениците е релативно мала. Гледано низ призма на тоа колку имаме повратници, мислам дека за 2023 година, нема дојдено до мене податок за 2024, е некаде околу 67-68 проценти од затворениците во Македонија беа повратници. Тоа значи дека ние имаме никаква или многу мала стапка на ресоцијализација – изјави Пандов, одговарајќи на новинарски прашања пред јавната расправа по Предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите.
Според Пандов има затвори каде има персонал, но на пример во Затворот Идризово има одделенија каде неколку стотини затвореници опслужува еден човек за ресоцијализација.
– Има стандарди, тоа треба да бидат 30 до 50. Има затвори каде што е тој соодносот, меѓутоа во Идризово не е. Сега, беше прекинат огласот, по локалните избори десет нови луѓе ќе вработиме во Идризово во делот на ресоцијализација – изјави Пандов.
Тоа според Пандов, е само еден дел, додека вториот дел е заживување на затворските економии, за што, како што посочи, веќе се прават напори и чекори во таа насока со директорите на затворите.
– За жал ние како затворски систем имаме огромна работна сила, а не ја користиме. Со самото тоа, кога би се смениле тие прилики, а тоа низ пракса е веќе видено во други држави, дека немал дел од економските потреби, затворите ги обезбедуваат од сами себе, од сопствените економии – изјави Пандов.
Се прават чекори за тоа, меѓутоа според Пандов не може да се смени се преку ноќ и ќе се работи во следните години.
– Тоа што го наследивме беше многу лоша состојба, имавме безбедносни ризици, сега тие се надминати, меѓутоа се работи и на ова и на пробација и на повеќе фронтови се работи за да се помрднат работите и мрднати се. Треба, и мора и можат да бидат и многу подобри – изјави Пандов.