Демистификација на „политичките“ мотиви на Али Ахмети и групацијата околу него преку јавните настапи, изјави и говори
- Завчерашната изјава на Ахмети од Тетово сепак ја покажа повторно неговата темелна движечка активност, која „сѐ уште активно се стреми кон одделување на албанскиот етнички кампус од македонската држава и македонското мултинационално општество“. Ахмети отворено проектира поделба на Македонија. Без двоумење, нашите соговорници со кои се консултиравме велат дека неговите изјави претставуваат „отворена и директна закана за територијалниот интегритет, унитарноста и за државниот суверенитет на земјава“. Лидерот на „интегративците“, Ахмети, всушност цело време истапува како поранешен „врховен командант“ на македонската УЧК и не отстапил ниту една педа од своите изворни екстремистички воени мотиви, кои извесно (подолго) време беа трансформирани и стипулирани во владина програма
Со својата порака до премиерот Христијан Мицкоски упатена од Тетово дека „Албанците ќе си одат во Албанија со својот албански дел, ако не влезе Македонија во ЕУ, а другите со својот бугарски дел во Бугарија“, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, завчера докрај ја разголи својата вистинска намера, која само ја крие цело време: дека тој активно работи вистински на поделба на Македонија! Последователно, и на сценариото на создавање голема Албанија?!
Во овој контекст, наши соговорници, искусни политичари и дипломати, со доза презир издвојуваат и дека „Ахмети цело време притиска за промена на Уставот на Македонија, односно во неговата преамбула да се внесе државотворен бугарски народ во Македонија“, за откако би бил отворен највисокиот правнополитички акт на државата веднаш да побара и внесување „државотворен албански народ во Македонија“!?
Али Ахмети во многу пригоди јавно има нагласувано дека „Албанците во Македонија не се малцинство, туку државотворен елемент“. Завчерашната изјава на Ахмети е отворена и директна закана за територијалниот интегритет, унитарноста и за државниот суверенитет на Македонија. Лидерот на „интегративците“, Ахмети, всушност цело време истапува како поранешен „врховен командант“ на македонската УЧК и не отстапил ниту една педа од своите изворни мотиви.
Потсетуваме дека токму и првото соопштение на УЧК во 2001 година се однесуваше на поделба на Македонија. Затоа тогаш УЧК, под врховната команда на Али Ахмети, започна да ги прогласува слободните зони низ селата во Тетовско и во Кумановско, затоа и во 2001 година УЧК започна битка за „ослободување на Тетово“, а во таа намера не успеа, поради тогашната жестока противофанзива на македонските безбедносни сили.
Противуставните поведенија и сепаратистичките нагони не стивнуваат ниту на власт ниту во опозиција
Соговорници на нашиот медиум ја потсетуваат јавноста дека „Али Ахмети не отстапил ниту за една педа од своите изворни мотиви дури и кога бил на власт“, овој пат во „мирновременска верзија“: за поделба на Македонија и остварување на бугарско-албанското сценарио за прекројување на овој дел на југозападниот Балкан, пред да влезат Албанија и Македонија во ЕУ.
– Бугарско-албанското сценарио за поделба на Македонија, кое беше поразено заедно со неговите протагонисти во Втората светска војна, сега пак е на политичката сцена под маската „промена на Уставот, заради отворање на преговорите и зачленување на Македонија во ЕУ“. А всушност целта е иста како и пред 80 години: распад на Македонија, нејзина поделба и потоа разграбување на деловите на нејзината територија. Како што си призна Ахмети завчера отворено: „Албанците да си го земат својот албански дел, а другите својот бугарски дел“.
Али Ахмети за сето време додека беше на власт во изминатите 22 години, како лидер на ДУИ, а зад сцената како „врховен командант на УЧК“, активно и непрестајно работи и на „размекнување“ на границите и гравитирање на албанското населението кон запад, односно кон Албанија, а на „другото население“, кон исток, поточно кон Бугарија. „Својот албански дел“ речиси отворено Али Ахмети во одделни пригоди покажал дека има намера да го припои кон замислената голема Албанија. Во оваа смисла Ахмети ќе објави фотографија со плочата на голема Албанија на својот фејсбук-профил! – издвојуваат дел од сценариото, кое им е добро познато на нашите соговорници.
Ахмети: Границите со Албанија и Косово ќе паднат!
На 5 ноември 2023 година Ахмети речиси со исти зборови ќе порача дека целта му е голема Албанија, тргајќи ги границите со Албанија и Косово и преку интегрирањето во Европа“
– Границите со Албанија и Косово ќе паднат. Ние ќе ги тргнеме границите, како што ги тргна Европа. Бидејќи, немаме долг кон никого, па да останеме изолирани. Иднината ни е во Европа. Албанците ги отстрануваат границите со нивното зачленување во Европа, како што сме во НАТО заедно со Албанија и утре со Косово. За мене најголемо достигнување е границите да се тргнат, бидејќи уривањето на границите е иднина и слобода на народите – кажа лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на 5 ноември 2023 година во Меморијалниот комплекс во кумановското село Сопот, како што имаше објавено ТВ 21.
Веднаш по овој настан, тој постави на својот фејсбук-профил и фотографија со плоча на која се врежани границите на голема Албанија, а во која се опфатени Скопје и други делови од територијата на Македонија! Не ни може да бидат појасно искажани во најшироката јавност целта и планот на кои работи Али Ахмети.
ДУИ реагира по изјавата на Ахмети
По пренесувањето на изјавата на Али Ахмети во јавноста како новинарска вест во медиумите, но и како проширена вест со експертски толкувања, вклучувајќи и реакции на некои аналитичари и политички партии, во јавноста со свое соопштение излезе и партијата чиј лидер е токму Али Ахмети, Демократската унија за интеграција (ДУИ), и даде свое автентично толкување на изјавата на својот партиски лидер.
Од партијата велат дека станува збор за „извртување на јасната и недвосмислена порака“ на Ахмети, при што категорично отфрлаат дека станувало збор за повик за поделба на државата.
– Во изјавата беше потенцирано дека целта е Македонија да стане дел од Европската Унија, без притоа воопшто да се спомене поделба. ДУИ останува доследна на својата визија: Македонија да биде унитарна, заедничка и еднаква држава – не поделена, туку секогаш наша заедничка татковина – се наведува во соопштението на партијата.
ДУИ упати апел до медиумите за професионално и одговорно известување, кое, како што велат, нема да поттикнува погрешни перцепции и недоразбирања кај граѓаните. Н.М.
Реториката на поделби наидува на отпор кај Албанците
Елида Бучпапај: Македонија ќе биде спасена кога од политичката сцена ќе заминe Али Ахмети
- Македонија ќе биде спасена само ако, без понатамошно одложување, меѓународната заедница веднаш интервенира со отстранување од македонската политичка сцена на оние како Ахмети, кои го загрозуваат територијалниот интегритет на Македонија, пишува Елида Бучпапај, новинарка и политичка аналитичарка и уредничка на „ВоАл“ („Гласот на Албанците“)
Али Ахмети во различни пригоди наидувал на спротивставувања кон неговите намери навистина да ја подели Македонија и со „албанскиот дел“ да ја прави голема Албанија. Во оваа анализа посочуваме само на една таква реакција кон неговите намери.
Во својата колумна со наслов „Опасност за Македонија се Али Ахмети и Никола Груевски“, објавена на 20 мај 2015 година во интернет-весникот „Диели“ на албанската дијаспора во Соединетите Американски Држави, Елида Бучпапај, новинарка и политичка аналитичарка и уредничка на „ВоАл“ („Гласот на Албанците“) од Швајцарија, ќе нагласи:
„Али Ахмети долго време игра на картата на поделба на Македонија. Или поточно, со оваа карта им се заканува на ЕУ, НАТО и САД! Преправајќи се дека е лицето што ја обезбедува и ја гарантира неподелбата на Македонија. Но Македонија не му припаѓа на Али Ахмети, туку на нејзините граѓани. Македонија е европска територија, а НАТО го штити интегритетот на Европа. Македонија ќе биде спасена кога од политичката сцена ќе заминe Али Ахмети. Македонија ќе биде спасена само ако, без понатамошно одложување, меѓународната заедница веднаш интервенира со отстранување од македонската политичка сцена на оние како Ахмети, кои го загрозуваат територијалниот интегритет на Македонија“. Р.Н.М.
Говорот на омраза во функција на политичка промоција
Пушката вперена кон Македонците
Македонската јавност остана затекната од говорот на омраза на поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, кој во обид да го промовира Бајрам Реџепи, кандидатот на ДУИ за градоначалник на Тетово, рече дека во 2001 година Реџепи ја свртел пушката кон Македонците. Во видеозапис од партиски собир на ДУИ, Крешник Бектеши, тврди дека Бајрам Реџепи бил добар кандидат за градоначалник затоа што „кога бил млад, зел пушка во 2001 година и ја свртел кон тие што ги потценувале Албанците“.
Загрижувачки е тоа што говорот на омраза на Бектеши не е изолиран, туку е присутен кај дел од албанските политичари, преку промовирање милитаризација за политички цели. Ваквите изјави се уште позачудувачки бидејќи станува збор за претставник на партија што беше на власт повеќе од 20 години, во кои самиот Бектеши беше министер за економија во македонската влада.
Иако во своите настапи Реџепи често изнесува критики кон државните институции за неспроведување на правичната застапеност на етничките заедници, за него сепак доминираше перцепцијата на умерен политичар. Притоа нема официјални податоци за негово учество во оружени формации во 2001 година. Изјавата на Бектеши наиде на осуда во јавноста како класичен говор на омраза со величење оружје. Р.Н.М.