Македонската претставничка во категоријата до 12 години на Светското првенство (СП) во Алмати (Казахстан), Илијана Велева (1.667 рејтинг-поени, рангирана 55-та пред почетокот на турнирот), забележа победа во шестото коло на Мундијалот во конкуренција на 123 шахистки од 51 држава (четири ЖФМ и 14 ЖКМ). Велева, една од најталентираните млади македонски шахистки, членка на Алкалоид и државна шампионка, во шестото коло со бели фигури ја надигра Казахстанката Тумар Калдубек (1.489, рангирана 96-та). На пет кола до крајот на СП 2025, Велева, која е единствена македонска шахистка на ова СП во машка и во женска конкуренција, моментално е на 69-то место со три поени, односно има ефект од 50 отсто (по три победи и порази). Води ЖФМ од САД, Лори Кју (рејтинг 1.994, рангирана петта пред СП 2025) со максимални шест поени. На ова силно СП во сите категории (до осум, 10 и до 12 години), момчиња и девојчиња, играат вкупно 842 шахисти од 87 држави (еден ИМ, четири ФМ, четири ЖФМ). Г.И.