• Подемот на литванската кинематографија се должи на тoa што меѓу нас нема натпреварувачки дух, туку соработка

Филмот „Посетител“ на Витаутас Каткус од Литванија беше прикажан на 46-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“, во официјалната селекција „Камера 300“.
– Подемот на литванската кинематографија се должи на еден сплет на околности. Најголем број од филмовите што ги гледаме по фестивалите и кои имаат успех се од генерацијата што дипломира пред 10-15 години, а она што нѐ издвојува е тоа што ние соработуваме еден со друг. Меѓу нас нема натпреварувачки дух, туку дух на соработка и сметам дека токму поради тоа сите ние успеавме да ги истуркаме нашите филмови. Уште додека студиравме знаевме дека ќе биде тешко да се снимаат филмови и затоа, наместо да се натпреваруваме, одлучивме да соработуваме – рече Каткус.

Тој е режисер, кинематографер и автор на сценариото на филмот и вели дека уште од почетокот размислувал визуелно за филмот.
-Уште на самиот почеток знаев дека не можам да снимам без приказна на која би се надоврзала камерата. Поради тоа соработував со косценаристка со која сме долго време пријатели, се познаваме како работиме и се дополнувавме. Таа ми помогна со сценариото, а кога почна снимањето веќе ги усогласував функциите на режисерот и кинематограферот. Успеав да се снајдам во двете улоги и како режисер и како кинематографер – рече Каткус.

Ј. Даниел Зунига е кинематографер на мексиканскиот документарен филм „Збогувај се“. Станува збор за интимен и мал филм, но од друга страна мошне комплексен. Тоа е политички голем филм, кој поврзува две земји и заедници.
– Одлучивме интимно да влеземе во филмот. Иако станува збор за политичка тема, решивме да нема таква етикета. Влегов во тие семејства и ја прикажав нивната ранливост. Секојдневието има важност и сакавме да го прикажеме тоа. Да прикажеме дека живеат во контекст на невидлива тага – вели Зунига.

Во рамките на „Јадранската мрежа“ беше прикажан филмот „Реновирање“ од литванската режисерка Габриеле Урбонаите.
– Во моментов во Литванија на многу згради им се менува фасадата, но дали може само со промена на фасадата да се изменат остатоците или навиките од минатото. Сакав да ја покажам реалноста на нашата генерација. Станот во внатрешноста е многу модерен но се наоѓа во зграда од советско време. Архитектурата ми беше многу важна, бидејќи во моментов во Литванија се отстрануваат спомениците од минатото. Јас сметам дека земјата не може да тргне напред сѐ додека не го прифати минатото онакво какво што е – рече Урбонаите.