Томе Трајков, културен работник, стрип-промотор
- Меѓу активностите на проектот е каталог во ПДФ, на кој ќе бидат презентирани избрани македонски автори, пригоден текст за стрип-сцената и стрип-издаваштвото во Македонија, муралите од Велес и идејата за основање стрип-музеј во Велес, а ќе биде обезбедено и објавување на три стрипа од македонски автори на 1/1 црно-бела страница во печатеното издание на весникот „Нова Македонија“. Оваа идеја ја држам во себе уште одамна, едноставно стрип-фелата му дава предност на читањето преку хартија, наспроти онлајн, изјавува Томе
Томе Трајков е долгогодишен активист, промотор и програмски координатор во Стрип-центарот на Македонија во Велес и едно од највлијателните имиња на македонската стрип-сцена. Со над деценија посветена работа, Трајков одигра клучна улога во развојот, поврзувањето и промоцијата на стрип-културата во Македонија и поширокиот регион. Неговата мисија не се ограничува само на уметничкиот аспект – тој активно го користи стрипот како алатка за едукација, културна соработка и социјална инклузија. Последен во низата негови проекти и активности во светот на деветата уметност е проектот „Стрип-креатива – стрипот може“. Со Томе разговараме подетално за проектот, стрип-сцената, стрип-културата кај нас…
Како се роди идејата за проектот „Стрип-креатива – стрипот може“? Споделете ни подетално за каков проект станува збор.
– Овој проект е создаден преку конкурсот за креативни индустрии на Министерство за култура и туризам, а врз основа на одамна увидена ситуација. Станува збор за личен проект, инициран и имплементиран од моја страна.
Главна цел е aфирмирање на досегашните искуства во валоризирање на стрип-културата како можност за генерирање приход. Тоа ќе се изведе преку афирмирање на стрип-сцената во Македонија, но и афирмирање на можностите за примена на стрипот во разни сфери на општеството, вклучувајќи ја и економијата.
Меѓу активностите од проектот е каталог во ПДФ, на кој ќе бидат презентирани избрани македонски автори, пригоден текст за стрип-сцената и стрип-издаваштвото во Македонија, муралите од Велес, идејата за основање на стрип-музејот во Велес, а ќе биде обезбедено и објавување на три стрипа од македонски автори на 1/1 црно-бела страница во печатеното издание на весникот „Нова Македонија“. Оваа идеја ја држам во себе уште одамна, едноставно стрип-фелата му дава предност на читањето преку хартија, наспроти онлајн. Се залагам, и не само јас, за враќање на праксата за вклучување стрипови во печатените медиуми (тоа сѐ уште го има во соседните земји). Беа планирани и други активности, но буџетот ни е скратен за половина. Се надевам дека ќе излезат други конкурси за проекти каде што истите замисли ќе се реализираат.
Каква задача му давате на овој проект, каде би сакале да ја смести стрип-заедницата и каква е неговата визија за стрип-културата?
– По мое мислење, за да се дојде до визијата за стрип-индустрија или комерцијализација на стрипот, најпрво треба јавноста колку што може повеќе да се запознае со македонскиот стрип како нешто што има традиција. Потоа следува афирмација на можностите што ги дава стрипот во образованието, економијата и други социјални сфери. Воопшто немам илузии дека работите волшебно ќе се променат само со овој проект, кој трае најмногу два месеца. Но се надевам дека ова ќе биде само добар почеток.
Кои се вашите досегашни активности во областа на стрипот, дома и во странство? Кои се најзначајните успеси или соработки што ги имате остварено?
– Од 2006 година сум постојано ангажиран во Стрип-центарот на Македонија во Велес, а од крајот на 2024 година, во согласност со условите и потребите, ја зголемувам автономноста во своето стрип-дејствување, со интенција тие активности да се вклопат во портфолиото на Стрип-центарот во Велес.
Инаку, јас сум директниот „виновник“ за доста меѓународни и социјално ангажирани проекти финансирани од страна на разни донатори, меѓу другото јас бев член на интернационално жири на првиот воопшто организиран стрип-настан во соседна Албанија (2014) и двапати бев добитник на признание за заслуги во развојот на стрип-сцената во соседно Косово.
Од 2019 година јас континуирано вршам промоција на македонската стрип-сцена преку изложби и промоции на разни фестивали надвор од нашата држава. Само годинава јас присуствував на меѓународната стрип-колонија „Рашка 2025“ како носител на проектот „Сè што сакаме да кажеме е дајте му шанса на помирувањето!“, како и на фестивалот „ Супертун“ во Шибеник, Хрватска. Денеска и утре јас и младата Ангела Петрушевска сме гости на Фестивалот на карикатура во Урошевац (Феризај), каде што за млади ученици треба да организираме едукативна работилница за стрип.
Како би ја опишале моменталната состојба на македонската стрип-сцена, кои се најзначајните имиња?
– Македонската стрип-сцена има континуитет од 1945 година досега. Од авторите, повторно би ги истакнал добитниците на годишното признание за развој и афирмација на македонскиот стрип „Љупчо Филипов“: Миле Топуз, Диме Иванов-Димано, Алекандар Сотировски, тајфата АРТ (Игор Јовчевски, Здравко Гиров, Давор Драмиќанин), Коле Манев, Стевац, но и Ласко Џуровски, младите дечки од групацијата „Парагонс“, сите македонски добитници на награди и учесници на Стрип-салонот во Велес. На крајот би ги споменал и оние чиј труд недоволно се ценел, како што се: Јорданчо Давидов од Куманово и Ѓоко Докоски од Струга.
Како хроничар на хроничарите ќе го истакнам трудот на Александар Стефанов од Штип и на Томислав Османли.
Областа на стрип-теоријата преку креативно-филозофски пристап достојно ја држи Бошко Караџов од Велес.
Постојани стрип-издавачи, преку поддршка од Министерството за култура и туризам и јавни институции, се: Стрип-центарот на Македонија во Велес, Стрип квадрат, „Бункер“ и „Темплум“. Има и други што повремено, меѓу другото, издаваат и понекоја стрип-книга, како и индивидуални изданија.
Во делот на стрип-манифестации, само ќе потсетам на Меѓународниот стрип-салон во Велес преку стрип-конкурсот и стрип-колонијата на меѓународни ниво, како и фестивалот „Стрип трип“ во Скопје.
Дали има поддршка за македонските стрип-автори од институциите и што е потребно да се издигне оваа уметност на повисоко ниво?
– Најпрво треба да се афирмира македонскиот стрип кај нас, да се врати приближно на она ниво и популарност пред 90-тите години од минатиот век. Треба списанијата и весниците редовно да содржат по неколку странички со стрипови. Стрипот треба да влезе и во образованието и др. Некои влади одделуваат огромни суми за стимулација на стрипот во нивните земји, на ликовни академии сериозно се изучува. Според сознанијата што ги имам, во Хрватска тој се изучува факултативно, а на академија во Софија се изучува два семестра во групата за дизајн и илустрација. Кај нас не!
Колку покажуваат младите интерес за стрипот како медиум и форма на изразување?
– Лично сум пријатно изненаден од прифатеноста на стрипот кај младите во Македонија, што претставува солидна подлога како за создавање квалитетни стрип-автори така и за идна читателска публика.
Но, неизоставно ја истакнувам и поединечната поддршка на некои наставници и училишта, која мора да биде поголема и институционално етаблирана.
Кај нас стрипот сѐ уште не може да биде одржлив комерцијален продукт. Што можеме да научиме од светските искуства – како успеваат да го комерцијализираат стрипот на Запад?
– На македонската публика ѝ се продава стрип преку разни предмети и играчки стрип-јунаци од странство (разни дигимони, покемони, гастони, тексвилери) наместо тоа да бидат автентичните македонски стрип-херои Ајвармен, Супер Тоше итн. Ќе почнам со Брисел, Белгија. Таму има стрип-музеј што годишно го посетуваат 800.000 посетители, од кои над 80 отсто се од странство. Музејот на стрипот во Брисел е спој на историјата на стрип-уметноста и архитектурата во стилот арт нуво и е еден од најпосетените музеи во Белгија.
Во Белгија, за споредба, работат пет специјализирани стрип-колеџи (факултети), со тригодишни студиски програми во кои се учи само стрип и стрип-култура. Таму има огромна стрип-продукција, а во цел Брисел на речиси секоја зграда и фасада се нацртани огромни стрип-мурали (околу 40). Ќе го споменам и градот Ангулем во Франција, како најголем стрип-фестивал во Европа, но исто така и град со мноштво сликовити мурали. Италијанскиот град Лука е исто така етаблиран град на светската стрип-мапа со стрип-фестивал и стрип-музеј.
Посакувате и претендирате Велес да прерасне во центар за развој на стрип-туризам. Какви се вашите идеали, замисли, стремежи за развој на оваа туристичка и културна понуда?
– Во согласност со промената на дејноста на нашето министерство, кое на културата го додаде и туризмот, се создаваат услови за реализација на нашата дамнешна заложба за своевиден стрип-туризам. Велес уште од 2007 година е зачетник на овој начин на украсување на градот и тоа е забележано од страна на туристите. Атрактивните велешки стрип-мурали треба да влезат во туристичката понуда на градот Велес. Овде треба да влезе и иден стрип-музеј (по примерот на една Белгија, Италија, Франција, но и Хрватска), за што има солидни предуслови во стрип-колекцијата на Ване Трајков (повеќе од 10.000 наслови, некои ретки изданија) и изданијата на самиот стрип-центар. Работите се на самиот почеток и вреди да се проба.