Продолжува да се влошува ситуацијата со епидемијата на ебола во Демократска Република Конго, пренесува Си-ен-ен. Според информациите, ова е една од најсмртоносните епидемии на ебола во историјата, со 319 починати до сега. Потврдено е дека 542 случаи на ебола се забележани во провинцијата Северен Киву во Конго, од кои дури 319 починале од вирусот или копликации поврзани со него.
Во просек, вирусот ебола предизвикува треска, силни главоболки и во некои случаи и силни крварења. Грубо кажано, се смета дека вирусот е фатален на 50 отсто од оние кои се заразени, но смртноста варира во различните епидемии кои до сега се случувале.
Светската здравствена организација (СЗО) изјави дека напорите за да се запре епидемијата се попречуваат од локалното населените и поради тоа што во овој регион во моментов има воен конфликт. Северен Киву, кој ги вклучува градовите Бени, Калунгута и Мабалако остануваат „епицентар“ на епидемијата, иако случаи на ебола се пријавени и во други провинции. Двете провинции во кои се случува епидемијата се најнаселени во оваа земја и граничат со Уганда, Руанда и Јужен Судан, па од СЗО информираат дека постои можност епидемијата да се прошири и во тие земји.
Проценките покажуваат дека повеќе од милион мигранти и внатрешно раселени луѓе се движат низ провинцијата Северен Киву, што отвора можности да се зголеми брзината на ширење на опасниот вирус.
Епидемијата на ебола во Конго е втора најсмртоносна до сега. Претходно, во 2014 година во Западна Африка овој вирус одзема 11 илјади животи. За оваа африканска земја, ова е 10-та епидемија од 1976 до денес, втора оваа година.