Во хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар, во периодот јануари-август произведени се 113.708.000 киловат часови електрична енергија, што претставува 43 отсто од вкупно планираното годишно производство.
– Просечниот дотек на вода во овој период изнесуваше околу 32 кубни метри во секунда, додека дотекот од локалниот слив беше околу 15 м³/сек. Просечната кота на Дебарското Езеро во август беше 571,18 метри, со што е обезбедена резерва за производство на дополнителни 21.180.000 квч електрична енергија – изјавија за МИА од ЕСМ.
Додаваат дека и покрај тоа што хидролошката година се оценува како сушна со дотeци под повеќегодишниот просек, АД ЕСМ вовела нов тренд на управување со хидро потенцијалите.
– Намерата е преку целосна оптимизација на ресурсите за производство на електрична енергија и максимално штедење на акумулираните води, хидроелектраните да работат за покривање на врвниот дневен товар на енергија и за балансирање на електроенергетскиот систем на Македонија – нагласуваат од ЕСМ.
Посочуваат дека ова овозможува компанијата непречено да дава системски услуги, а истовремено да чуваат резерви за производство на електрична енергија во текот на претстојната грејна сезона.
ХЕ „Шпилје” заедно со ХЕ „Глобочица” го сочинуваат хидроенергетскиот систем (ХЕС) „Црн Дрим”.