Фото: МИА

Основниот кривичен суд Скопје ја прогласи за виновна докторката Мери Пешевска за тешки дела против здравјето на луѓето во случајот „Онкологија”, кој се однесува на несовесно лекување пациенти и ја осуди на условна казна затвор од две години. Како што кажа судијката Снежана Марковска изрекувајќи ја пресудата, казната од две години затвор на обвинетата нема да се изврши доколку во наредните пет години Пешевска не стори друго кривично дело.

Пресудата доаѓа откако обвинетата докторка на првото рочиште призна вина. Таа беше второобвинета во предметот во кој како на првообвинет му се суди на поранешниот директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, како и на уште двајца лекари онколози.

Васев и другите двајца онколози претходно се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и за нив судскиот процес продолжи, а за Пешевска постапката беше одвоена и се водеше до денешното изрекување на пресудата.

Изрекувајќи ја пресудата, делото за кое е осудена Пешевска судијката го доведе во корелација со постапувањето на првообвинетиот Нино Васев, кој, како што наведе, пропишувал несоодветна и прекумерна терапија на пациенти, а докторката ги оставила на располагање својот печат, факсимил и идентификациски број, што биле користени за пропишување на терапијата кај седум пациенти. Судијката Марковска во детали ги наведе сите седум случаи во кои со своето небрежно постапување била инволвирана Пешевска.

– Судот на обвинетата ѝ изрекува алтернативна мерка условна осуда. Две години казна затвор која нема да се изврши ако во следните пет години не стори ново кривично дело – рече судијката.

Таа наведе дека изрекувањето условна осуда не претставува избегнување на казната и дека во конкретниот случај може да се оствари целта на казнувањето.

– Може да се очекува дека самата закана од затвор може да се очекува да ги оствари целите на казнувањето – рече судијката.

Додаде дека при одмерувањето на казната судот ги ценел како отежнувачките, така и олеснителните околности.

– Судот ги ценеше и олеснителните и отежнителните околности со примена на начелото на индивидуализација – рече судијката Марковска.

Во делот на олеснителните околности таа го наведе фактот што обвинетата, како што кажа, делото го сторила од небрежност, како и признанието вина и изразувањето каење за последиците.

– Така судот ги ценеше доказите, па утврди дека обвинетата сè уште работи во Клиниката, каде што е вработена од 2002 година. Како олеснителна околност судот го ценеше и тоа што на обвинетата претходно не ѝ се изрекувани прекршочни или кривични санкции. Судот го цени и тоа што обвинетата го сторила делото од небрежност, чувствува каење и призна вина – кажа судијката Марковска во образложението на пресудата и одмерената казна.

Рече дека до признанието вина обвинетата покажала дека ја прифаќа целата одговорност да се соочи со последиците од стореното. Покрај казната, Пешевска се задолжува да плати судски паушал, додека за имотно-правните побарувања на блиските на пациентите упати постапката да се води пред граѓански суд.

Во завршните зборови на претходното рочиште од издвоената постапка за Пешевска, таа рече дека била злоупотребена од колегите онколози. Докторите, како што кажа, имале пракса да користат печат од друг онколог за да може пациентите навремено да ја добијат терапијата, но наведе дека никогаш не помислила дека правилото може да е злоупотребено. На седумтемина пациенти кои според обвинението биле несоодветно лекувани, таа не им била ординирачки доктор, туку обвинетиот Нино Васев, кој со нејзиниот печат ја одредувал терапијата.

– Јас од моја небрежност и невнимание сум ги оставила на шалтер својот факсимил, корисничко име и лозинка. Сме имале доверба и не сме се посомневале во нечесни намери. Но сега печатот е со мене во џеб во мантилот, системот го гасам и компјутерот не го оставам ниту секунда – истакна во судницата Пешевска во завршните зборови.