ШАХ – СП 2025 ЗА КАДЕТИ ВО КАЗАХСТАН

  • Велева настапува во категоријата до 12 години, каде што учествуваат 123 шахистки од 51 држава

Илијана Велева (1.667 рејтинг-поени, рангирана 55-та пред почетокот на турнирот), единствената македонска претставничка на Светското првенство (СП) во Алмати (Казахстан) за шахисти до осум, 10 и до 12 години (момчиња и девојчиња), забележа победа и пораз во првите две кола. Таа игра во категоријата до 12 години меѓу 123 шахистки од 51 држава (четири ЖФМ и 14 ЖКМ).

Велева, која е една од најталентираните млади шахистки, членка на Алкалоид и актуелна државна шампионка во својата категорија, во првото коло со црни фигури ја победи Ксин Ти Чанг (рангирана 117-та), а во второто коло со бели фигури загуби од Сарвиноз Бергмуратова (1.819, рангирана 24-та). Во третото коло играно вчера, македонската шахистка за противничка ја имаше Јасмин Ел Кефи (рејтинг 1.442, рангирана 108.). Прворангирана на СП 2025 за кадетки е Жансаја Шолпанбек (2.083). Г.И.