Регионалните пробни воено-пактовски балони, во контекст на кроењето на новите геостратегиски конфигурации
- Новосоставениот трилатерален воен сојуз меѓу Албанија, Хрватска и Косово наскоро ќе одржи мултинационални или НАТО-вежби во различни области, а планот за нивно одржување се очекува да биде финализиран до крајот на тековниов месец. Но кој и како ги спојува овие пактови? Дали се тие национален интерес на земјите што пристапуваат во пактовите или се поттикнати од нечиј геостратегиски интерес? Дали таквата појава на воено сојузување и најава за воени вежби предизвикуваат другите држави во регионот да бидат на штрек?
Најавените воени вежби на Албанија, Хрватска и на Косово, кои заедно сочинуваат трилатерален воен сојуз, го засилуваат директниот притисок врз другите држави од регионот, меѓу кои се Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, како последица на интересот на либералните елити на Брисел за милитаризација, со одредени разлики во однос на политиките на официјален Вашингтон.
Новите балкански воени здружувања веќе поттикнаа регионална трка во вооружувањето. Предвидено е Косово да потроши повеќе од една милијарда евра за вооружување на своите Косовски безбедносни сили во следните четири години, а Србија од август лани до август годинава веќе договорила купување ново странско оружје за пет и пол милијарди евра. Министерствата за одбрана на Приштина и Тирана потврдија дека нивни експертски групи веќе работат на оперативни планови за спроведување на точките од декларацијата, а „купувањето оружје е првата обврска што тие ја презедоа“.
Буџетот на Министерството за одбрана на Косово, кое управува и со Косовските безбедносни сили, бележи значителен раст во последните години. За годинава се издвоени 208 милиони евра, што е за 55 милиони повеќе од претходната година. Во 2024 година, буџетот изнесуваше 153 милиони евра, додека вкупниот државен буџет изнесуваше 3,314 милијарди, односно 3,212 милијарди во 2023 година. За разлика од зголемувањето од 100 милиони во 2024 година, планираниот раст за годинава е 294 милиони евра.
Белград (и Москва) го сметаат сојузот за антисрпски проект
Во прилог на ризиците и тензиите што произлегуваат од новонастаната безбедносно-политичка состојба, за кои веќе предупреди „Нова Македонија“, одат и размислувањата на поранешниот министер за надворешни работи на СР Југославија, Живадин Јовановиќ.
– Овој сојуз на Албанија, Хрватска и таканареченото Косово во областа на одбраната и безбедноста е антисрпски проект и е дел од поширокиот глобален притисок на Западот, НАТО и ЕУ врз Србија, Република Српска и целиот српски народ. Најавените воени вежби се дел од глобалниот западен притисок врз Србите на целиот Балкан. Српскиот народ, не само во Србија и во Република Српска, мора да биде свесен за ова, но не треба да го менува својот стратешки курс како независен политички фактор – оценува Јовановиќ, забележувајќи дека стратегијата е подолгорочна и има своја историја, при што добива конкретни форми во новите услови на глобално затегнување.
Тој верува дека најавените воени вежби првенствено се „пробни балони“ за да се процени како ќе реагираат Србите, Србија, нагласувајќи дека „играњето со оган на Балканот“ не е во ничиј интерес. Во рамките на воениот сојуз на Албанија, Хрватска и Приштина ќе се одржуваат мултинационални или НАТО-вежби во различни области, а планот за нивно одржување се очекува да биде финализиран во септември.
Официјален Белград реагира дека „овој воен сојуз е формиран со директно вклучување структура што нема меѓународен легитимитет (се мисли на Косово) и која претставува безбедносна закана во најширока смисла на зборот (тероризам, криминал, шверц со луѓе, дрога и оружје) за целиот регион. Слична реакција имаше и во руски медиуми во врска со истото прашање.
Предвидено развивање акционен план за идна соработка помеѓу Косово, Албанија и Хрватска
Албанија, Хрватска и Косово потпишаа меморандум за соработка во областа на одбраната и безбедноста на 18 март во Тирана. Трите земји се обврзаа да ја зголемат интероперабилноста на своите војски преку образование, обука и заеднички вежби, да се вклучат во борбата против хибридните закани и да ги усогласат политиките за евроатлантска интеграција. Беше потврдена и намерата за зајакнување на трилатералната соработка во областа на безбедноста и одбраната со цел зголемување на безбедноста и стабилноста во Југоисточна Европа и Јадранско-јонскиот Регион.
Првиот официјален состанок на стратешко и оперативно ниво меѓу претставниците на Албанија, Хрватска и Косово се одржа во Тирана во јули. Според хрватската влада, целта на состанокот била да се разговара и да се предложат заеднички активности во различни функционални области, како и да се развие акционен план за идна соработка.
Функционерите на косовската влада, исто така, изјавија дека конкретизацијата на воената соработка меѓу Косово, Албанија и Хрватска, со план за имплементација, ќе се одржи во септември. Планирано е конечните упатства да бидат доставени на одобрување до трите министерства истиот месец. Министерот за одбрана на Косово изјави дека соработката вклучува и купување оружје. Според него, целта е да се направи една нарачка наместо три одделни нарачки од секоја земја, што ќе се спроведува со националните средства на секоја земја. Хрватското Министерство за одбрана, сепак, објави дека координацијата на заедничките купувања меѓу членовите на Алијансата сè уште не е започната.
Декларацијата потпишана во Тирана остава можност за приклучување кон други земји, а познато е дека веќе е испратена покана до Бугарија, но засега нема никакви реакции од официјална Софија. Исто така, исклучително е значајно што овој воен сојуз е формиран без консултација или разговори со Србија, односно официјален Белград. Р.С.
Трилатералниот сојуз ќе спроведе НАТО-вежби за интероперабилност
Сајбер-безбедност, пребарување и спасување
Мултинационални или НАТО-вежби во различни области, вклучувајќи сајбер-безбедност, пребарување и спасување, ќе се одржат во рамките на воениот сојуз помеѓу Косово, Албанија и Хрватска, беше најавено во пресрет на објавување на деталниот план, што е предвидено за тековниов месец септември. Предвидено е формите на учество да бидат утврдени по заеднички разговори со експерти, додека процесот на координацијата за заеднички набавки меѓу членките на трилатералниот сојуз сѐ уште не е почнат, соопшти Министерството за одбрана на Хрватска.
Воениот сојуз меѓу Косово, Албанија и Хрватска има цел да ја зголеми интероперабилноста на страните во мултинационални или НАТО-вежби во различни области, објави хрватското Министерство за одбрана. За разлика од Хрватска и Албанија, Косово не е членка на НАТО.
– Една од дефинираните области на соработка е подобрување на интероперабилноста преку едукација и заеднички вежби. Целта е страните да бидат поканети да учествуваат во национални, мултинационални или НАТО-вежби во различни области (веројатно во сајбер-областа, пребарување, спасување итн.). Повеќе на оваа тема ќе биде утврдено во иднина, по заедничките дискусии меѓу експертите – соопшти хрватското Министерство за одбрана. Р.С.