Британија и САД постигнаа договор за нуклеарна соработка - Стармер (лево) се ракува со Трамп - Фото: ЕПА

Светските сили во пакетот на геополитичките амбиции недвосмислено вклучуваат развој на капацитетите за нуклеарна енергија

  • САД и Велика Британија постигнаа договор за изградба на повеќе нуклеарни централи во Велика Британија, додека Русија и Кина најавуваат амбициозни проекти за значително проширување на нуклеарните капацитети

Ставовите на лидерите на САД и Велика Британија не можат да бидат пооддалечени во однос на обновливата енергија. Имено, тие се во остра спротивност. На пример, претседателот на САД има целосна владина поддршка за отфрлање на проектите за чиста енергија во Америка. Тој претходно годинава ја повика и Велика Британија да „се ослободи од ветерниците и да ја врати нафтата“. Од друга страна, британскиот премиер Кир Стармер, пак, изјави дека сака да го забрза преминот од фосилни горива и да произведува електрична енергија во земјата главно од обновливи извори на енергија до 2030 година. Во 2024 година Велика Британија за првпат генерираше нешто повеќе од половина (50,8 проценти) од својата енергија од обновливи извори (поголем дел од количествата беше генериран од ветерна енергија).

Но се чини оти двајцата лидери се согласуваат единствено за нуклеарната енергија! Имено, тие постигнаа потполн заемен договор за изградба на повеќе нуклеарни централи во Велика Британија. Нуклеарната енергија не произведува емисии на стакленички гасови, иако доаѓа со загриженост за безбедноста и отстранувањето на отпадот, и затоа ѝ помага на Велика Британија да ги унапреди своите климатски цели.

Администрацијата на Стармер вети дека ќе ги забрза прегледите на новите предложени централи, додека Трамп издаде извршни наредби за забрзување на одобрувањата на нуклеарни реактори во САД. Стармер го најави договорот како почеток на „златната доба“ на нуклеарното оружје. Администрацијата на Трамп, пак, се залага за она што го нарекува „нуклеарна ренесанса“.

Русија со амбициозна нуклеарно-енергетска програма

Русија објави амбициозна програма за удвојување на бројот на нуклеарни централи со 38 нови реактори, според државната агенција за нуклеарна енергија „Росатом“, пренесуваат светските медиуми. Алексеј Лихачев, генерален директор на „Росатом“, на генералната конференција на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Виена во понеделникот изјави дека проширувањето приближно ќе ја удвои нуклеарната енергија на Русија.
– Претседателот Владимир Путин побара земјата да го зголеми уделот на нуклеарната енергија во вкупното производство на електрична енергија од околу 20 на 25 проценти – рече Лихачев, без да одреди временска рамка за исполнување на целта.
Русија моментно располага со 36 реактори, според Светската нуклеарна асоцијација, лоби-група за нуклеарна индустрија, додека уште пет се веќе во изградба, како што соопшти МААЕ, нагласувајќи ја решеноста на Москва да продолжи и покрај меѓународните санкции и политичката изолација.

Русија исто така амбициозно ги претстави своите иновации во нуклеарните технологии. Во 2022 година таа ја лансираше првата пловечка нуклеарна централа, предвидена за снабдување со електрична енергија на оддалечениот сибирски град Певек. Во исто време Русија продолжува да ја контролира украинската нуклеарна централа Запорожје – најголемата во Европа, со седум реактори.

Нуклеарните амбиции на Москва доаѓаат во време кога атомската енергија доживува обновен импулс низ целиот свет. Планот на Русија за речиси двојно зголемување на својата нуклеарна флота би ја зацврстил нејзината улога како домашен и глобален играч во секторот, снабдувајќи технологија и експертиза на други земји преку извозниот бизнис на „Росатом“. Сепак, недостигот од јасен распоред и притисокот врз државните финансии отвораат прашања за тоа колку брзо, или целосно, може да се реализира таква амбициозна експанзија.

Кина ја спроведува најголемата програма за проширување на полето на нуклеарната енергија

Русија е лидер во светот во технологијата за нуклеарни централи, а рускиот нуклеарен извоз е во подем. Сепак, Кина брзо го достигнува чекорот и исто така ја усвои употребата на нуклеарен извоз од страна на Русија како алатка за дипломатија.
Кина сега ја спроведува најголемата програма за проширување на нуклеарната енергија во светот и е на добар пат да стане најголемиот светски извор на атомска енергија, како дел од нејзината долгорочна цел да ја намали зависноста од јаглен и да ги исполни климатските обврски.

Според Меѓународната агенција за атомска енергија, Кина моментално управува со нешто повеќе од 55 комерцијални реактори, но има повеќе од 20 во изградба и планира уште десетици. Официјалната цел на земјата е да го зголеми инсталираниот нуклеарен капацитет на околу 150 гигавати до 2035 година, што е повеќе од трикратно зголемување на денешните нивоа.

Стратегијата на Пекинг има двоен фокус: зголемување на конвенционалните големи реактори и истовремено развивање напредни дизајни, како што се реактори со гасно ладење со висока температура и мали модуларни реактори (СМР).
Во 2021 година Кина го поврза првиот светски комерцијален реактор со гасно ладење со висока температура со својата мрежа во покраината Шандонг, а минатата година ги забрза СМР-проектите насочени кон снабдување оддалечени региони и индустриски центри. Доколку целосно се реализира, нуклеарното градење би ја направило Кина водечки оператор на нуклеарни централи во светот во следната деценија, надминувајќи ги и САД и Франција. Е.Р.


Унгарија и Кина ја унапредуваат нуклеарната соработка

Унгарија и Кина потпишаа договор за унапредување на соработката во нуклеарната енергија на генералната конференција на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во Виена, објави унгарското министерство за надворешни работи и трговија.
На истиот настан, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто се сретнал со Алексеј Лихачев, генерален директор на „Росатом“, рускиот гигант за нуклеарна енергија. Министерот изјави дека тие се согласиле да го забрзаат проширувањето на нуклеарната централа „Пакш“. Унгарскиот премиер Виктор Орбан и рускиот претседател Владимир Путин потпишаа договор во 2014 година за значително проширување на нуклеарната централа „Пакш“. Планот предвидуваше изградба на два нови нуклеарни реакторски блока покрај четирите постојни реакторски блока од 500 мегавати, кои се во функција од 1982 година. Проектот започна, но остана во рана фаза, а неговото завршување се очекува до средината на 2030-тите. Е.Р.


МААЕ ќе го поддржи Казахстан во сите фази од изградбата на нуклеарна централа

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) ја потврди својата посветеност да обезбеди помош за изградбата на првата нуклеарна централа во Казахстан за време на состанокот на 17 септември на маргините на генералната конференција на МААЕ.
За време на разговорите, претседателот на Казахстанската агенција за атомска енергија, Алмасадам Саткалиев, и генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, разговараа за планираната изградба на нуклеарна централа, развојот на нуклеарна инфраструктура и употребата на нуклеарни технологии во индустријата, земјоделството и здравството, објави прес-службата на агенцијата.

Друг клучен фокус на состанокот беа рационалното користење на ресурсите на ураниум и обезбедувањето стабилно снабдување на глобалниот пазар. Двете страни ја нагласија важноста од одржување рамнотежа помеѓу националните интереси и глобалните обврски во нуклеарниот сектор. Казахстанската делегација ги истакна создавањето меѓународен конзорциум за изградба на нуклеарната централа, започнувањето нови истражувачки проекти и пуштањето во употреба на објект за безбедно складирање високозбогатено гориво. Двете страни се согласија да развијат заедничка мапа на патот за соработка за 2025-2027 година. Е.Р.