Договорите што треба да се во духот на бона фиде, за Грција и Бугарија имаат сосема поинакво значење
- Академикот Владо Камбовски неодамна во МАНУ побара прашањата поврзани со идентитетот, билатералните спорови, да не се подигнуваат на рамниште на вето и условувања за членство во ЕУ, туку за нив да владее принципот на добра волја (бона фиде), добросовесност и поддршка на другите земји, да се решаваат низ комуникација, низ културен и научен дијалог, низ културна соработка, за да се создадат мостови на пријателство и разбирање меѓу народите. Сето ова звучи разумно, но кога се однесува на Бугарија и Грција, или на сегашната ЕУ, тоа се само празни одгласи во ветер
- Според професорот Игор Јанев, „ние во суштина немаме никаков спор со Бугарија, како што некој сака да го претстави тоа, бидејќи спор за инхерентните природни права е невозможен, де факто непостоен, така што нема зошто да се преговара“!
Двата договора што Македонија ги потпиша со Бугарија и со Грција требаше да бидат во духот на бона фиде или добра волја, но она што земјава го доби како повратна реакција не може да се нарече никако поинаку освен „скриена, па дури и зла намера“.
Имено, Грција не исполни ниту една обврска од Преспанската спогодба, додека Македонија имплементираше многу повеќе и од тоа што беше предвидено во документот. Ист е случајот и со Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, која наместо да се промовира како македонски ментор на патот кон Европската Унија, таа се претвори во „џелат на македонските евроинтеграции“.
Тоа покажува дека договорите од грчка и бугарска страна не биле склучени во духот на бона фиде, туку со намера земјата да се доведе во подредена улога и на тој начин да се реализираат некои поинакви интереси, кои тука на Балканот тлеат подолго од еден век.
Токму затоа е билатерализацијата на македонскиот евроинтегративен пат, за да може наместо Копенхашките критериуми, да се наметнуваат некои други критериуми поврзани со темните историски петна од овие простори.
Македонската добра намера дочекана со салва навреди и негирања
Кога сето горенаведено е повеќе од јасно, како празен одек во ветер звучат пораките што неодамна, од 13. Конгрес на Меѓународната асоцијација за проучување на Југоисточна Европа (АИЕСЕЕ), ги испрати академикот Владо Камбовски.
– Прашањата поврзани со идентитетот, дури и таму каде што има билатерални спорови, да не се подигнуваат на рамниште на вето и условувања за членство во ЕУ, туку за нив да владее принципот на добра волја, добросовесност и поддршка на другите земји, да се решаваат низ комуникација, низ културен и научен дијалог, низ културна соработка, за да се создадат мостови на пријателство и разбирање меѓу народите. На тоа како наука и уметност мора и треба да влијаеме. Треба да создадеме клима во која ќе можат и политичарите да ги градат тие мостови на соработка – порача Камбовски.

Сепак, неговиот ентузијазам не го делат некои од експертите со кои дискутиравме, кои се категорични дека никогаш нема да добиеме бона фиде од Грција, а особено од Бугарија, која сега јава на триумфализмот откако успеа да ги протурка францускиот предлог и двата протокола во Преговарачката рамка. Тие сметаат дека Бугарија не само што ќе продолжи да го користи ветото за билатералните прашања туку намерно ќе креира клима за бојкотирање секаква друга соработка додека не се реши политичкиот сет на прашања, односно прашањата поврзани со идентитетот, јазикот и историјата на македонскиот народ.
– Не се можни преговори со Бугарија, а дополнително, за идентитетот не смее да се преговара освен доколку не сакаме еден ден сите да станеме Бугари. Бугарите сакаат јавно да признаеме дека отсекогаш сме биле Бугари и дека досега лажно сме се претставувале. Затоа е целиот овој притисок, така што единствен начин да излеземе од овој лавиринт е да се повлечеме од двата договора, оној со Грција и оној со Бугарија – категоричен е професорот по меѓународно право Игор Јанев.
Според него, ние во суштина немаме никаков спор со Бугарија, како што некој сака да го претстави тоа, бидејќи спор за инхерентните природни права е невозможен, де факто непостоен, така што нема зошто да се преговара.
– Секое оспорување на националниот идентитет, по дефиниција, е недозволено во меѓународното право. Никој не може да оспорува дека постои овој или оној народ (пр. дека не постојат Македонци) и да бара формален договор за сопственото национално укинување или делегитимирање. Од друга страна, Бугарија никогаш нема да допушти преговарање без „да се отвораат спорните прашања“. За нив вистинскиот предмет на преговори е нашиот идентитет. Ист беше случајот со оспорувањето на името од страна на Грција. Проблемот за Грција беше во нашиот идентитет. Таков предмет во согласност со меѓународното право е забранет за преговори бидејќи навлегува во строгата внатрешна јурисдикција на државата. Ако дозволуваме надворешна интервенција за името и идентитетот, тогаш не може да се нарекуваме суверена држава, туку територија со население – категоричен е професорот Јанев.
Сите разумни механизми паѓаат во вода пред намерата за идентитетски инженеринг
Во една ваква констелација, клучното прашање е како да се најде некаков механизам настрана од непостојното бона фиде за да се разговара со Бугарија на повеќе нивоа и области и да не се доведеме во ситуација целосно да се урнисаат македонско-бугарските односи, кои никогаш не биле полоши.
– Нема таков заобиколен механизам преку кој би разговарале со Бугарија, бидејќи за нив и натаму не постоиме како македонски народ. За какви разговори и соработка тогаш правиме муабет кога соговорникот ни вели дека не постоиме – прашува Јанев.
Некои од другите соговорници во најголем дел се согласуваат со констатациите на професорот Јанев, притоа додавајќи дека не е само политиката таа што го оспорува македонскиот идентитет за да може преостанатата соработка да врви непречено.
– Она што неодамна го порача академикот Камбовски во МАНУ требаше многу одамна официјален Брисел да им го порача на своите земји членки, како на Грција така и на Бугарија. Но, напротив, Европа дозволи билатерални спорови да се вклучат во евроинтегративниот процес, дозволи договори спротивни на меѓународното право, а сега сме сведоци и на одбивање од бугарска страна за комуникација и соработка во други области. Па, Брисел мораше да интервенира за да се нафати Бугарија да го заврши својот дел од обврските за пругата за да не се случи Македонија да ја изгради делницата до граница, а потоа да не се случи железничко поврзување. Ова говори само дека на Бугарија ништо друго не ѝ е важно, освен идентитетскиот корпус прашања. Независно дали двете општества се оддалечуваат, дали почнуваат да се гледаат непријателски, тоа за Софија не е важно, важно е само ние да признаеме дека сме Бугари или евентуално „современи Македонци“ по 1945 година. И тоа како наратив е прифатено од најголем дел во бугарското општество. Убаво е она што го вели академикот Камбовски, но тоа ќе важеше ако на исток ни беше сосед некој што го почитува нашето суверено право на самоопределување, наместо некој што наметнува исклучиво сопствена верзија на историјата, идентитетот и јазикот на соседниот народ. Тука во ништо нема добра волја, а нема ниту да ја има ако продолжат истите политики поставени пред еден век – заклучуваат соговорниците.