Рецензија
Александар Василевски
Драмата „Сино небо“ (1994) е во режија на Тони Ричардсон и тоа е неговиот последен филм, за кој, за жал, не ја доживеа премиерата бидејќи почина во 1991 година, а филмот излезе постхумно, но и со неочекуван банкрот.
Филмот е работен по автентична приказна, а како потписници на сценариото се појавуваат имињата на Џери Лехтин и Раме Стегнер, која имаше идентична приказна со татко ѝ, кој бил аналитички воен инженер.
Дејството се одвива во шеесеттите години на минатиот век, а главниот лик е маршалот Хенк, кој го толкува извонредниот филмски ветеран Томи Ли Џонс.
Тој добива прекоманда од Хаваи за Алабама со својата манично депресивна сопруга Карли (Џесика Ланг), на која не ѝ се непознати нимфо-флертовите.
Најголеми жртви во голем број случки на овие нејзини инфантилни испади се ќерките, од кои поголемата ќерка Александра (Ејми Локејн) е почувствителна и тоа остава неизбришливи лузни во нејзиното кревко срце.
Читателите можеби ќе се присетат на нејзините улоги во „Плачи бебе“ (1990) во режија на контроверзниот интроверт Џон Вотерс, каде што настапи покрај шармантниот Џони Деп, и во анемичниот серијал „Мелроуз плејс“.
Понатаму и не би можела да се пофали Локејн со значајни улоги, а уште помалку со награди бидејќи приватно животот ѝ беше пекол.
Еден од најстравотните престапи против законот е оној кога во дионизиско расположение сакаше жртва на нејзините неумесни и дрски каприци да биде младата девојка, која беше во цутот на младоста.
За овој грозоморен чин заслужено добива затворска казна во траење од осум години; но за вакви анемични физикуси и не треба да се обрнува внимание, бидејќи и не заслужуваат.
Да се вратиме на содржинските заплети…
Во прв момент се чини работите доаѓаат на место, сѐ до моментот кога се организира забава под палката на Вера, сопруга на Винс (Пауер Брут).
Пауер Брут, според мене, најчесто незаслужено бил во подредено маргинализирана улога, а одлични умешни перформанси пројавува со својата маркантната природа и препознатлив тексашки акцент во воената драма „Јужна утеха“ и „Екстремни предрасуди“ кај мајсторот на акцискиот жанр, Волтер Хил.
Толерантниот Хенк којзнае по кој пат успева да ја припитоми разузданата аура на Карли, која има инфантилни особини. Но тоа е со краток рок на траење бидејќи Хен како експерт е испратен во Алабама за да го испита радиоактивен терен.
Во исто време тоа е тест за него, но повеќе за Карли, која, за жал, запаѓа во виорот на страсниот вител правејќи прељуба со арогантниот циник Винс.
Но зад оваа ласцивна игра стои фарисејски заговор, кој таа не може да го насети и со себе носи фатални консеквенции.
Доаѓа до судир меѓу Винс и Хенк, па Карли се обидува да му помогне на Хенк, а тој не сакајќи ја удира и завршува во болница.
По ова следува пеколен период за маршалот бидејќи е изложен меѓу два огна додека е во притвор, да одбере дали да биде пратен на воен суд или во ментална институција.
Поради малициозно суетната природа, Винс не е задоволен само со притворската казна и за оваа цел испраќа воена полиција, која го сместува во ментална институција, но е изложен и на силен медикаментозен третман.
Поради интуитивниот сенс и темпераментниот карактер, Карли се одлучува на радикален потег и ја презема работата во свои раце.
Дома го пронаоѓа фајлот од сопругот под шифрирано име „Сино небо“ каде што се наоѓаат радиоактивните локалитети и коруптивните интриги од страна на американската влада.
Таму ја осознава вистината од локалните мештани за проблемите со радијацијата и во моменти кога треба да се изврши инвазија, се појавува Карли, која јава коњ како победоносната Јованка Орлеанка, заштитувајќи ја земјата од предвидената детонација.
Со овој глорификациски гест го ослободува Хенк од прангите на лудилото, но и конечно го сместува Винс зад решетки.
Се прашуваме конечно дали правдата е задоволена, но поесенцијално е прашањето дали кај Карли се подотворија амбарите на свеста за да се врати кон својата љубов Хенк.
На ова прашање, драги читатели, одговорот може да го добиете само доколку го одгледате филмот, па затоа не мислам да ја разоткријам целата приказна докрај, нели?
Сепак, на крајот доаѓа најубавото…
Кога сме кај ликот на френетичната Карли, кој го толкува сексапилната Џесика Ланг, ова е едно од нејзините најблескави изданија, покрај антологиските улоги во „Поштарот секогаш ѕвони двапати“ (1981) на Боб Рафалсон, покрај налудничавиот Џек Николсон во „Музичка кутија“(1989) на Коста Гаврас и „Слатки сни“ (1985) на Карел Рејз.
Во „Сино небо“ повеќе од заслужено добива „оскар“ за главна улога, а мажите, пак, зашеметено излудуваа(т) по нејзиното тело, но само Сем Шепард успеа да ја задржи повеќе од две децении, иако другите се обидуваа, но…