Жителите на Ново Лисиче и околните населби од утрово го блокираа мостот „Близнаци“ во знак на револт поради депонијата Вардариште, која со години го загадува воздухот и ја труе околината.
Иако огнот на депонијата во моментов е изгаснат и има обезбеден 24-часовен надзор, граѓаните порачуваат дека тоа не е доволно и бараат трајно системско решение. Според нив, само целосна санација и модерно управување со отпадот може да стави крај на деценискиот проблем.

– Не сакаме само привремено гаснење на огнот. Бараме Вардариште конечно да престане да биде закана по здравјето и животот на луѓето – велат изреволтираните граѓани.
Протестот, како што велат од граѓанската и иницијатива „Стоп за Вардариште“, ќе трае секој ден и тоа еден час наутро, од 7.30 до 8.30 и попладне во 18 часот.
– Од денеска почнуваме и наутро по еден час да блокираме за да бидеме забележани. Немаме политичка, партиска агенда. Сакаме да живееме во здрава средина – вели Зоран Стојковски.
Тие предупредуваат дека вакви блокади ќе има секој ден сè додека надлежните институции не понудат конкретни чекори и рокови за затворање и трајно решавање на депонијата.