Фото: приватна архива

Познатиот македонски актер Благоја Чоревски (78), познат по многубројните театарски, телевизиски и филмски остварувања, омилен и кај возрасната публика, но и кај децата, токму денес слави роденден. Роден е во 1947 година во Велес, а до 1951 живеел во Скопје. Во тие години, татко му, актерот Трајко Чоревски, заедно со Петре Прличко, Тома Видов, Илија Џувалекоски, Мирко Стефановски и Тодор Николовски, го формира Македонскиот народен театар. Потоа во 1951 година семејството се сели во Битола, град за кој е врзано целото детство на Благоја Чоревски.
За својот роденден, Благоја Чоревски ја поздрави својата публика и си посака добро здравје бидејќи, како што рече, тоа е најважно. „Колибри“ му посакува и елан за да продолжи да ги учи и воспитува идните актери преку училиштето за глума „Отпишани“ и да ги радува децата со претставите за деца што ќе ги игра есенва во продукција на алтернативниот театар „Отпишани“ во Скопје.

Бидејќи токму денес Ви е роденден кажете ни дали додека бевте дете во Вашето семејство се славеа родендени и се сеќавате ли на некој посебен?
– Се сеќавам на сите родендени бидејќи за секој мој роденден, во дворот од семејната куќа, јас приредував претстави. Тогаш немаше модерни теписони, туку имаше черги. Ги земав најновите черги од дома и ги ставав наместо завеси. Обично ме караа за тоа, но кога ми беше роденден ми простуваа. Ние децата измислувавме текстови и најчесто ги имитиравме наши родители, бабите, дедовците, роднините и некои глумци што нам ни беа интересни.
-Да, се подаруваа подароци, но тие беа скромни. Ние за роденден не можевме да отидеме на Малдивите, туку можевме евентуално да прошетаме до соседното маало.Добиваме подароци како цртеж лично нацртан од другарчето, макета изработена по предметот домаќинство. Тоа беа скромни, но драги подароци.

Кои се првите места, првите луѓе, првите спомени што Ви паѓаат на ум кога ќе се сетите на детството?
– Моите спомени од детството се врзани со театарот. Речиси, како да сум роден во театар. Одев на сите проби со мајка ми Ратка и татко ми Трајко бидејќи дома немаше кој да ме чува. Сите нивни колеги ми беа другари. По завршувањето на пробите не сакав да си одам дома, бидејќи во театарот ми беше многу забавно.

Што го направи Вашето детство магично?
– Иако имавме огромни овошни дрвја во нашиот двор, беревме сливи, цреши и праски од туѓите дворови, бидејќи, нели, комшиските овошки секогаш се повкусни. Двајцата дедовци ми беа починати, но, се сеќавам на моите баби Лена и Роза. Баба ми Лена во чија куќа во Велес сум роден, многу сакаше да одам кај неа. Уживав да го гледам возот што минуваше крај куќата од баба ми. Бев восхитен дека тој минува по шините, а јас можам да го гледам тоа чудо од прозорецот. За мене тоа беше магија. Натаму, колку што можев тој миг, таа магичност од детството ја внесував во улогите што ги играв на сцената. Баба ми Роза ја паметам по тоа дека секогаш ме бараше низ маалото довикувајќи ми да се приберам дома. Сѐ на сѐ, имав многу убаво детство во кое царуваше маалскиот живот. Беше нормално да се оди кај соседите, да се побара шеќер на заем, да се биде по цел ден на улица, да се биде безгрижен и радосен.

Дали со Вашиот брат, актерот Борис Чоревски, бевте сложни браќа или, пак, имаше понекоја караница или расправија?
– Како и сите деца, кога ќе се заигравме миженка-криенка, челик-чомак или билии игравме убаво. Но секогаш едниот се лутеше кога другиот ќе го победи во играње џамлии, односно билии како што ги викаат во Битола. Тој е две години помал од мене, но бевме сложни. Под големата трпезариска маса често игравме шофер и кондуктер. Надвор игравме со топка и, секако, најомилената игра ни беше правење театар.

Каква беше Вашата прва средба со училиштето? Какво прваче, а потоа каков ученик беше Благоја Чоревски?
– Живеевме многу блиску до училиштето „Гоце Делчев“ во Битола, така што училиштето го запознав уште пред да бидам ученик, а сето тоа поради слатките црници што зрееја на големото дрво во училишниот двор. Тргнувањето на училиште, пак, го паметам по млекото и јајцата во прав и црвеникавото сирење што ни го даваа како оброк. Во моето време не постоеше“булинг“. Сите деца беа како едно.

Паметите ли некоја книга од детството што Ви оставила впечаток?
– Тоа беше „Волшебното самарче“. Се сеќавам на писателот, чичко Ванчо Николески, како со неговото моторче минуваше низ битолските улици. Додека јас бев дете, тој еден период живееше во Битола. Понекогаш нѐ собираше и ни раскажуваше, тоа го правеше многу впечатливо и ние децата многу го сакавме.

Ако Благоја не беше актер, ќе беше…?
– Глумец… (се смее)


Повеќепати му бев телевизиски татко на Рубенс Муратовски

Генерациите деца што сега се веќе родители Ве препознаваат по телевизиските серии за деца. Потсетете нѐ на некои наслови.
– Порано многу се снимаше за деца, но, за жал, веќе не е така. Сигурно многумина уште ги паметат сериите: „Чук чук Стојанче“, „Да бидам, да бидам што да бидам“, „Белото циганче“, „Булки крај шините“, „Во светот на бајките“, До-ре-ми“… Интересно е дека повеќепати му бев телевизиски татко на актерот Рубенс Муратовски, кој тогаш беше дете што играше во тие популарни серии. Се шегувавме дека јас подолго сум со него отколку неговиот вистински татко, бидејќи тогаш навистина многу се создаваше и се снимаше за деца и млади..