Илустрација: „Нова Македонија“

Стратегиската важност на Западен Балкан во трендот на милитаризирање на ЕУ се истакнува од страна на елитите во Брисел во време кога Брисел инсистира на продолжување на војната во Украина, при што водечките европски елити притискаат за оспособување на воените (наменски) индустрии во Европа за тие да бидат оспособени да го испорачаат она што либералните европски елити мислат дека е аргумент (на силата) преку кој сметаат дека ќе се факторизира Унијата во новонастанатите геостратегиски услови

Приклучувањето на Балканот кон Унијата веќе не е само „европски политички проект“ туку е и алатка за зајакнување на европските воени капацитети

Целосното вклучување на Западен Балкан во Европската Унија не е веќе само флоскула за „завршување на европскиот политички проект“. Вклучувањето на Западен Балкан сега значи и нешто повеќе: воено зајакнување на капацитетот на Унијата и исполнување на концептот на францускиот претседател Макрон за стекнување услови за т.н. европска автономија. Елитите од Брисел сѐ уште се убедени дека токму таквата „милитаризирачка стратегија ќе ѝ обезбеди на Унијата стабилност и безбедност“.
На слични дилеми се осврна реномираниот „Еурактив“. Во анализа на споменатиот медиум се истакнуваат „капацитетите на балканските држави за производство на оружје и воена опрема, како и нивната посветеност и професионалност при учество во заеднички мисии низ светот“. Ова веќе е друга димензија од досегашната во која Брисел декларираше дека „Балканот е незавршен политички проект на ЕУ што наскоро ќе се заокружи“. Димензијата на зајакнување на воените капацитети на ЕУ и нејзиното милитаризирање сега фрла нова и дополнителна светлина кон балканските земји, со што регионов добива нова специфична (милитантна) тежина.

Европа ги препозна потенцијалот и важноста на Балканот, и Македонија меѓу препознаените

Неодамна објавен извештај нагласува дека регионот на Балканот се позиционира како едно од „најпотценетите воено-одбранбени средства на Европа“. Прашањето повеќе не е дали балканските земји се подготвени за Европа, туку дали Европа е подготвена да препознае каков потенцијал и што може да понудат земјите од Западен Балкан.
– Од избивањето на војната во Украина, државите од Западен Балкан дејствуваа со решителност и одговорност. Донациите на С. Македонија од тенкови, хеликоптери и големи количества муниција за Киев ја прават еден од најдарежливите донатори на НАТО по жител – се потенцира во написот на „Еурактив“.
Албанија и Црна Гора, исто така, покажаа опиплива солидарност, поддржана со значителна воена, финансиска и хуманитарна помош. Дури и Србија, иако официјално одржува неутралност и одбива да се усогласи со санкциите на ЕУ кон Русија, тивко овозможи трансфер на муниција произведена во Србија во вредност од над 800 милиони евра во Украина, истакнува „Еурактив“.
Овие придонеси во голема мера поминаа незабележано. За разлика од поголемите држави од ЕУ, Западен Балкан не секогаш добива признание за придонесот. Но активностите на регионот се совпаѓаа или дури ги надминаа оние на некои земји членки на ЕУ. И не станува збор само за Украина. Војниците од Западен Балкан служат во мисиите на ЕУ во Мали, Сомалија и во Централноафриканската Република.
Албанија и Македонија се редовни партиципиенти во ЕУФОР Алтеа во Босна и Херцеговина. Србија обезбедува медицински тимови и воена полиција за мировните мисии на ООН од Либан до Конго и е меѓу најголемите придонесувачи во Европа во однос на персоналот во ООН. Овие распоредувања често се мали по бројност, но високоспецијализирани – со обучувачи, медицински лица, логистички офицери – и доаѓаат со стратешко влијание и длабока посветеност.
Подготвеноста на регионот, се анализира во написот, не е ограничена само на неговите војници. Неговиот индустриски капацитет, вкоренет во наследството на самостојниот воено-одбранбен модел на СФР Југославија, останува во голема мера „неискористена предност за Европа“!
Босна и Херцеговина може да произведе до 500.000 артилериски гранати годишно. Српските одбранбени индустрии произведуваат муниција според стандардите на НАТО, вклучувајќи оклопни возила, артилериски системи и сè повеќе беспилотни воздушни системи што ги извезуваат во над 50 земји.
Овие производи не само што се интероперабилни со европските и украинските системи туку се и исплатливи и географски поблиску од другите доставувачи. Во војна на исцрпување со висок интензитет, каде што брзината, обемот и цената се важни исто колку и прецизноста, ова е видот скалабилно производство што итно ѝ е потребно на Европа.

Брисел стравува од „влез на други сили“ доколку не бидат затворени „европските геополитички слепи точки“ како што е Западен Балкан

Додека Европската Унија ги дотерува буџетските рамки и дебатира за процедуралните реформи, во анализата на „Еуроактив“ се цени дека „други сили брзо се движат во геополитичките слепи точки на континентот“. Имено, таквата теза се поткрепува со информацијата дека „минатиот месец кинески и српски специјални сили спроведоа заедничка воена вежба во Кина – прва од ваков вид“. Наречена „Бранители на мирот – 2025“, воената вежба испрати јасна порака: „Таму каде што Европа е неодлучна или отсутна, другите сили се желни да го пополнат вакуумот, не само со зборови туку и со конкретни понуди“.
Србија, која сè уште официјално е на патот кон пристапување кон ЕУ, веќе располага со кинески беспилотни летала и со кинески ракетни системи. Но ништо од ова не се случи прекуноќ, туку следуваше по години растечко разочарување од процесот на европска интеграција што во регионот се смета за застој и неодлучност.
Неуспехот на ЕУ да ја усогласи својата реторика за проширување со акција го принуди Западен Балкан да ги „отвори вратите“ за други „играчи“, кои се повеќе од подготвени да инвестираат, да се опремат и да се зацврстат, дури и во најчувствителниот сектор – воено-одбранбениот.

Брисел почна забрзано да прави напори за усогласување на ветеното и стореното за Западен Балкан

ЕУ досега не успеа да го искористи својот апсорпционен капацитет за своја полза. Заморот од проширувањето, бирократските пречки и политичката претпазливост предолго го блокираа патот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ. Сега ЕУ мора да препознае дека интегрирањето на овие земји не е само просто „завршување на политички проект“, како што Брисел милува да каже. Сега станува збор за „зајакнување на капацитетот на Унијата во воениот сегмент, по линија на милитаризирачкиот тренд, кој самата го турка сѐ повеќе, сметајќи дека на тој начин ќе се факторизира себеси, во новиот сѐ повеќе различен геополитички простор од досегашниот.
Проширувањето повеќе не е прашање на добронамерност. Тоа е прашање на (нова) стратегија. И тоа воена!
Брисел смета дека „ако Европа сака да биде сфатена сериозно како глобален актер, мора да ја усогласи амбицијата со акција. И тоа воена. А во стратегијата би се инкорпорирале и напорите на либералните европски елити за забрзување на пристапувањето на оние што веќе дејствуваат како членови, придонесуваат како сојузници и се обврзуваат како партнери. Стратегијата на Европската комисија сега има тежиште на милитаризирањето, а услов за интеграција на Западен Балкан во Унијата, наскоро ќе биде и придонесот на земјите во регионот за воените амбиции на ЕУ. Р.Н.М.