Милан Ерцеган (лево)

Ова беа зборовите на легендарниот претседател на ФИЛА, Милан Ерцеган, кој во нашето слободно борење виде една блескава иднина. Спортскиот новинар Павле Дамјанов беше поттикнувач на многу иницијативи и има голема заслуга за развојот на борењето

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (359) Од историјата на боречкиот спорт (1)

Примерот со мојот почитуван колега, за жал покоен, Павле Дамјанов најубаво говори оти ако човек целиот се вложи во работата, која ја добил како „домашна“ задача, мора да има успех. Павле не само што ја заврши задачата за која беше испратен во Скопје туку направи многу повеќе од она што се очекуваше од него. Некој ќе праша каква врска има еден дописник на белградски „Спорт“ со квалитетното издигнување на македонското борење. Многумина ја знаат вистината, но сепак јас како негов колега, кој добро знае колку големи беа ангажманите и заслугите на Павле во борењето, можам слободно да кажам оти не само што има голема врска туку таа врска беше историска!
Но мислам оти ќе биде интересно да ја опишам предисторијата на неговото доаѓање во Скопје и сѐ ќе стане појасно. Павле Дамјанов не се експонираше многу. Тој беше вреден, чесен и исполнителен. Сето тоа го знаеше и Милан Ерцеган, бидејќи двајцата потекнуваа од Зрењанин и се познаваа уште од младешките години. Затоа, кога стана генерален секретар на СОФК-а на Југославија, Ерцеган го искористи својот авторитет и издејствува Павле Дамјанов да дојде во Скопје, да биде дописник на „Спорт“, но со главна задача надвор од професионалните обврски да работи на организирање на боречкиот спорт во Македонија. Ерцеган не случајно се одлучи за еден ваков потег, оти тој особено беше заинтересиран за борењето, спорт во кој по неколку години стана и претседател на Светската боречка федерација (ФИЛА). Тој знаеше оти Павле е вистинскиот човек, кој може да ја исполни задачата. Ете, тоа беше таа предисторија, која, пак, придонесе да биде создадена македонската боречка историја за која ќе читате во неколкуте следни понеделници.
– Откако дојдов во Скопје, покрај секојдневните обврски кон редакцијата на „Спорт“, која во тоа време беше најзаинтересирана за случувањата во ФК Вардар и РК Работнички, кои се натпреваруваа во Првата лига, веднаш се зафатив и со ангажманот во борењето – ми зборуваше Павле уште во тоа време кога и јас почнав да се занимавам со спортското новинарство.
За да го испитам пулсот и да ги лоцирам местата каде може да се развива овој спорт, ги посетив речиси сите градови и помали населени места за кои имав информации дека постои интересирање меѓу младите за занимавање со слободното борење. Но, вниманието најмногу го насочив кон оние места во кои уште многу од поодамна се одржуваа пеливански натпревари, кои најчесто беа организирани по повод некој верски празник, крштевки или родендени. Така, пеливаните ги збогатуваа свадбените и роденденските прослави, а имаше и случаи кога тие се бореа во чест на некој национален празник. Почувствував оти токму тие, пеливаните, може да бидат првите борачи во слободен стил. Разлики меѓу пеливанството и слободното борење имаше, но затоа имаше и многу сличности. Тоа беше она што ме привлече и јас да следам некои од пеливанските борби и да разговарам со актерите дали би се занимавале и со спортски борби, односно со борење во слободен стил. Откако речиси од сите добив позитивен одговор, си помислив и си реков – добро е, ќе има овде резултати, зашто уште на стартот се уверив оти Македонија има „штоф“ за развој на борењето во слободен стил. За ова веднаш го информирав Милан Ерцеган, кој, пак, беше презадоволен од она што го слушна од мене.

ЕРЦЕГАН: ЗАСУКАЈТЕ ГИ РАКАВИТЕ, НИЕ ЌЕ ПОМАГАМЕ

Не минало долго време, а имајќи доверба во она што му реферирал Павле Дамјанов, првиот човек на СОФК-а на Југославија дошол во Македонија. Тој прошетал низ неколку скопски села, како Студеничани, Шишево и други, и на самото место ги гледал борбите меѓу младите, но и поискусните пеливани.
– Па вие газите на „злато“, а не знаете да го искористите тоа. Засукај те ги ракавите, а ние сме тука да ви помогнеме – им рекол Ерцеган на спортските работници од Македонија што го придружувале.
Тоа било јасен сигнал оти за развојот на борењето ќе помогнат и југословенските спортски фактори, што за нашите спортски работници значело многу.
И навистина беше така. Јас се сеќавам на интервјуата што ги имав подоцна со Ерцеган, а тој често ја повторуваше онаа реченица за „златото“. И тој беше задоволен што, ете, мисијата на Дамјанов беше успешна. Но, чичко Павле, кого ние помладите така го ословувавме, не само што ја исполни мисијата добиена од „Спорт“ и југословенската СОФК-а туку во Македонија продолжи и неговата животна мисија. Толку се вроди со нашата средина, што реши тука да го продолжи и својот живот. Се ожени со тетка Блага, која беше вработена во библиотеката на „Нова Македонија“, и формира семејство. Неговиот живот продолжи во Скопје, а на негово инсистирање и на долгогодишниот боречки работник и функционер Љупчо Самоников, а потоа и на Рамазан Балаш и Митко Велков, и јас се вклучив во структурите на Сојузот, во кој долги години бев негов генерален секретар. Со Павле имавме извонредна соработка. За него можам да кажам сѐ најдобро и како новинар и како човек, кој не знаеше за умор и секогаш беше подготвен да помогне онаму каде што беше потребно.

ПОЈАВА НА ПРВИТЕ ТРЕНЕРИ

Кога правам една ретроспектива и ги нафрлам фактите, мора да кажам дека во 50-тите години од минатиот век, за среќа на боречкиот спорт, на сцена се појавија двајца извонредни стручњаци, Ристо Таков и Бојан Рангелов. Неколку години подоцна дојде времето на, за жал, покојниот Насе Насев, кој од сите тренери има најмногу успеси на меѓународна сцена. Впрочем, не случајно тој беше прогласен и за тренер на векот. Во Боречкиот сојуз свој голем придонес како тренер и професионално вработен даде и Фоти Ѓатовски. Сите тие беа луѓето што ја поставија основата за подоцна да се појават и други тренери, кои работеа по клубовите и со своите борачи постигнуваа добри резултати. Ова особено се однесува на Томе Атанасов од клубот Балканец и на Димче Ангелов, кој со екипата на Бучим – Јака во 1995 и 1996 година стигна до европската, а потоа и до светската титула.
За пеливанството веќе напишав оти тоа му претходеше на слободното борење. Многумина од популарните пеливани станаа квалитетни борачи, кои подоцна го облекоа и репрезентативниот дрес на поранешна Југославија. Во оваа пригода ќе ги споменам Рамадан Сали и Тефик Демири, потоа струмичаните Рамиз Тефиков и Неби Јусуфов, кои предводени од селекторот Ристо Таков, беа првите наши учесници на европските и светските првенства во борење во слободен стил. Пред да зачекорат на боречкиот душек сите тие се бореа пред голем број гледачи по ливадите. Но мора да се каже дека брзо се адаптираа и станаа вистински асови, кои постигнуваа добри резултати и на меѓународната сцена. Интересно е уште и дека по Втората светска војна се размислувало како од пеливаните да создадат борачи, особено за слободен стил. За таа цел во 1948 година, во рамките на Фискултурниот сојуз на Македонија, се формирал Одбор за бокс и боречки спортови. Него го сочинувале боксери и пеливани, оти слободно борење не постоело, туку на територијата на Македонија се практикувало народното борење – пеливанството.

Павле Дамјанов

ПРВ НАТПРЕВАР ЗА ПИОНЕРИ ВО ШТИП

Прелистувајќи ја боречката историја ќе најдете податок оти првиот боречки натпревар во слободен стил во Македонија, и тоа во конкуренција на пионери, се одржал во Штип во 1958 година. Тој бил организиран во чест на Денот на ЈНА – 22 Декември, а иницијатор за неговото одржување бил тогашниот наставник по ликовно воспитување во училиштето „Ванчо Прке“ – Ристо Таков. Оваа личност подоцна станува главната фигура во боречкиот спорт. Таков имал не само основни туку и големи познавања во овој спорт, зашто како средношколец во Полска станал младински шампион на таа држава, во која, по граѓанската војна во Грција, пристигнал со многу дечиња од Егејска Македонија.
Борењето полека но сигурно зачекорило на македонската спортска сцена, а во април 1960 година се одржал и првиот курс за тренери, со кој раководел познатиот стручњак од Загреб, Иван Герек. Истиот месец се формира и Боречкиот сојуз на Македонија, на кој за претседател е избран Круме Наумовски, татко на мојот, за жал, починат другар и колега, новинарот Мирослав Наумовски-Лав. Од овој период почнуваат засилени подготовки за организирање што повеќе натпревари во борење во слободен стил. Тогаш се формираат и првите клубови, а се одржуваат и натпревари, од кои најквалитетен бил тромечот на градовите Скопје-Тетово-Штип. Овој тромеч му овозможил на селекторот Иван Герек да ги селектира најквалитетните борачи за првиот нивен настап на балканијадата во Бургас. Претходно сите тие биле на триесетдневни подготовки во Загреб со борачите на Локомотива.
Оттогаш почнаа годините во кои македонските борачи во рамките на составот на Југославија постигнуваа добри резултати, а двајца стигнаа и до олимписки настап. Борче Димовски и Симеон Шутев беа нашите први борачи олимпијци, кои во 1968 година настапија на најголемиот светски спортски собир во Мексико.
За сѐ што следуваше потоа, за новоформираните клубови и учествата на големите приредби, ќе читате идната недела.