„Независни заедно“ денеска на прес-конференција го промовираа професорот и декан на Градежниот факултет при УКИМ Горан Марковски за независен кандидат за Градоначалник на Скопје за Локалните избори 2025.
Марковски кажа дека Скопје се гуши, тоне во смет и дека бара шанса како никогаш досега. Главниот град, според него, бара јасна визија за својот развој, кохезија, одговорност и компетентност.
– Потполно сум свесен во какво општество живееме, дека се уште нашето опкружување е обременето со партиско огромно делување, но исто така убеден сум дека без граѓанска иницијатива, без лична независност ниту можеме да имем добра демократија, ниту здрави институции, ниту квалитетен град – рече Марковски.
Според него, тажно е и крајно поразително, на средина од првата половина на 21 век наместо да зборуваме за високо ниво на дигитализација, примена на вештачка интелегенција, зелени агенди, современи видови сообраќај, паметни згради, за нулта смртност на нашите улици ние сме принудиени да зборуваме за гол опрстанок. – Но тоа нема да ме депримира, ќе ми даде дополнителна енергија која што треба да се внесе меѓу граѓаните на нашето Скопје. Особено помеѓу младите, онаа наша општествена светлина која што е единствениот преостанат елемент од она што го прави системот околу нас. За жал, преостанатите три елементи земјата водата и воздухот Скопје веќе ги нема, рече Марковски, кој се претстави пред Камениот мост во Скопје за кој вели дека е симбол на повзрување.
Независниот кандидат за градоначалник на Скопје Марковски рече дека еден од главните приоритети за Скопје е справување со загадувањето, како и дека конкретни решенија рече дека ќе ги соопшти за време на изборната кампања.
-Досегашната негрижа за загадувањето на Скопје, за проблемот со водоснабдување малку им помага на кандидатите кои можат веднаш да кажат кои се главните приоритетите на Скопје. Ние, за жал, немаме можност да говориме за некои високи приоритети. Ние треба да зборуваме за опстанок. Значи загадувањето на Скопје е проблем број е еден и тема број еден што треба да се реши. Но, не декларативно. Тоа е разлика помеѓу инжињерите и другите. Инжињерите имаат задача и чуствуваат одговорност проблемите да ги решат, не само да ги детектираат. Значи ние решаваме проблеми- рече Марковски.
Од „Независни заедно“ порачаа дека професор Марковски е личност со докажан професионален интегритет и долгогодишно искуство, кој зад себе има голем број реализирани проекти и генерации воспитани инженери. „Време е Скопје да го водат стручни лица со храбро лидерство и визија за поубав град по мерка на човекот,“ велат од платформата.
„Независни заедно“ е широка граѓанска платформа која ги обединува независните советници и локални иницијативи од неколку скопски општини-„Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“. Покрај град Скопје, платформата веќе објави дека нивна кандидатка за градоначалник на општина Центар е Билјана Ивановска.