Црквата „Пресвета Богородица Перивлепта“ има основа како византиските куполни цркви со впишан крст во правоаголен простор. Куполата во наосот се потпира врз четири слободни столба, а слепата купола во нартексот на четири пиластри. Ѕидана е од камен, бигор и тули, а со нивна комбинација се подигнати различни декоративни површини (меандер, шаховско поле, рибина коска). Овој начин на ѕидање се заснова врз традицијата пренесена од византиската метропола, но црквата „Богородица Привлепта“, како и некои други во Македонија, укажува и на непосредни врски со градителството од 13 век во Епир
Знаменитостите на Македонија
„Пресвета Богородица Перивлепта“ (Пресвета Богородица Севидна) се наоѓа во Охрид, изградена е пред 1295 година. Фресконатписот во нартексот, покрај други личности, ги споменува Прогон Згур и годината на „подигањето“, односно живописот на црквата, 1295.
Подоцнежните историски податоци зборуваат за големиот углед што го имала црквата во текот на 15 век, особено кога регионот се наоѓал во составот на Османлиското Царство. Деволскиот епископ Григориј ја соѕидал и ја живописал (1364-1365) северната капела (посветена на Григориј Богослов), а потоа биле соѕидани јужната капела (посветена на Свети Никола) и отворениот трем околу црквата каде што се насликани портретите на некои ктитори и на други современи историски личности. По уривањето на манастирската црква „Свети Пантелејмон“, во црквата „Богородица Перивлепта“ се пренесени моштите на Свети Климент (па затоа е наречена Климентова црква), а истовремено таа станала и седиште на охридските архиепископи и на „Музејот на архиепископијата“ со својот печат (засега најстар на Балканот).

Црквата има основа како византиските куполни цркви со впишан крст во правоаголен простор. Куполата во наосот се потпира врз четири слободни столба, а слепата купола во нартексот на четири пиластри. Ѕидана е од камен, бигор и тули, а со нивна комбинација се подигнати различни декоративни површини (меандер, шаховско поле, рибина коска). Овој начин на ѕидање се заснова врз традицијата пренесена од византиската метропола, но црквата „Богородица Привлепта“, како и некои други во Македонија, укажува и на непосредни врски со градителството од 13 век во Епир.
Извонредните уметнички вредности на фрескодекорацијата и ризницата од икони на оваа црква заземаат истакнато место во науката. Врз основа на откриените потписи се знае дека фреските во 1295 ги извеле сликарите Михаил Астрапа и Евтихиј. Тоа се проминентни личности на ликовното творештво од крајот на 13 век и првите децении на 14 век на Балканот, а нивните дела по уметничкиот квалитет се рамни на современите остварувања во византиската културна метропола. Д.Ст.
Моштите на Свети Климент
Моштите на Свети Климент Охридски се сметаат за едни од најсветите реликвии во православната традиција на Македонија. Свети Климент бил ученик на Светите Кирил и Методиј и е основоположник на Охридската книжевна школа – првата словенска универзитетска институција.
Моштите на Свети Климент почиваат во црквата „Св. Пантелејмон“ во Охрид, која тој самиот ја изградил. Оваа црква, која подоцна го добила неговото име, е духовен центар и место на поклонение за верниците. Се верува дека моштите имаат исцелителна сила и многу верници сведочат за чуда поврзани со нив.
Свети Климент бил познат по својата просветителска дејност, препишување книги на словенски јазик и ширење на христијанската вера меѓу словенските народи. На 11 август, Македонската православна црква го одбележува празникот на преносот на моштите на Свети Климент Охридски – ден кога се слави нивното преместување и духовното значење што го носат за народот. Д.Ст.
